Националните театри од денес ќе гостуваат со свои претстави во Драмскиот театар во Скопје, како дел од активностите во чест на одбележувањето на 80-годишнината на театарот.
„Мотото ‘Еден е Драмски!’ го одбравме затоа што сметаме дека е едноставен, непретенциозен, но сепак моќен и емотивен. Ја сугерира топлината на нашиот објект, уникатноста на салонот и местото на уметнички вознес на театарска публика. Генерациите актери и ‘театарџии’ што своето образование го стекнале на Факултет за драмски уметности и останатите факултети и уметнички академии, Драмски театар го доживуваат како своја сцена. Впрочем, повеќето од нив своите дипломски претстави ги играле токму на сцената на Драмски. Оттука, во годината кога го прославуваме големиот јубилеј од осум децениското битисување ги отвораме сцените на театарот и силно веруваме дека годинава со сите активности што ги подготвуваме Драмски е средиштето на театарскиот живот во Македонија, кој потсетува на историското, културното и уметничкото значење на театарот“-, вели директорот Роберт Вељановски.
Од вечерва во наредните две недели ќе настапат: Народeн театар Битола, Народен театар Охрид, Театарот „Јордан Х.К. – Џинот“ од Велес и Театарот за деца и младинци. Во мај ќе гостуваат и Албанскиoт театар од Скопје, Театарот „Антон Панов“ од Струмица и Турски театар.
Вечерва во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ Народниот театар од Битола ја игра комедијата „Кокошка“ на авторот Николај Кољада. Режијата е на Марјан Георгиевски. Играат: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Николче Пројчевски. Сценограф е Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, драматург е Оливера Павловиќ.



