По подолг временски период, во јавното здравство во Македонија се бележи пораст на бројот на вработени и веќе нема одлив на кадар. Ова го изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, при посетата на Општата болница во Велес. Поводот за посетата беше донација од германски донатори, кои предадоа опрема вредна 150 илјади евра за велешката болница, како и опрема во вредност од половина милион долари наменета за болниците во Гостивар, Струга и Струмица.
„Донациите се важни, но уште поважно е што заедно со Министерството за здравство вложуваме значителни напори за подобрување на одржливоста на македонскиот здравствен систем. Можам да кажам дека по повеќегодишно опаѓање на бројот на работници во здравството, во изминатите две години е забележано зголемување. Бројот на вработени во јавното здравство порасна од 18.000 на 18.900. Успеавме да ги замениме лицата кои заминаа во пензија, но и да обезбедиме нови работни места. Сè уште се соочуваме со критичен недостаток на среден медицински кадар, односно медицински сестри. Во три наврати ги зголемивме платите, што обезбедува не само номинален, туку и реален пораст на примањата. Ја вреднуваме работата на здравствените работници“, изјави Клековски.
П. ПЕЧКОВ



