МАКЕДОНИЈА ПАДНА ЗА 3 МЕСТА ВО ИНДЕКСОТ ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ, СЕГА Е ВО ГРУПАТА СО „ПРОБЛЕМАТИЧНА“ СОСТОЈБА, А ЗА ПРВПАТ ПОЛА СВЕТ Е ВО „ТЕШКА“ ИЛИ „МНОГУ СЕРИОЗНА“ СОСТОЈБА

    МАКЕДОНИЈА ПАДНА ЗА 3 МЕСТА ВО ИНДЕКСОТ ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ, СЕГА Е ВО ГРУПАТА СО „ПРОБЛЕМАТИЧНА“ СОСТОЈБА, А ЗА ПРВПАТ ПОЛА СВЕТ Е ВО „ТЕШКА“ ИЛИ „МНОГУ СЕРИОЗНА“ СОСТОЈБАВо однос на лани, Македoнија има пад во сите 5 индикатори и е на 45. место; - Од протестот на новинарите во 2023. (Фото: СДК.МК)

    Македонија падна за 3 места, од 42 на 45, во Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници (РСФ), и сега е во групата земји каде ситуацијата е „проблематична“. Од регионот, во групата земји со „задоволителна“ состојба се само Словенија (36) и Црна Гора (41), Хрватска (53) е во групата со „проблематична“, како и Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86), а Босна и Херцеговина (90) и Србија (104) се во категоријата „тешка“ состојба.

    Норвешка го задржува првото место десетта година по ред, додека Еритреја е на последното место трета година по ред. Сирија по Асад бележи најголемо подобрување од сите земји со скок од 36 места во рангирањето.

    За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот сега спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите. Во изминатите 25 години, просечниот резултат на сите 180 земји и територии вклучени во рангирањето никогаш не бил толку низок. Од 2001, проширувањето на сè порестриктивни законодавни механизми – особено оние поврзани со политиките за национална безбедност – постепено го поткопува правото на информирање, дури и во демократските земји. Од петте индикатори што се користат за оценување на слободата на медиумите во светски рамки – економскиот, правниот, безбедносниот, политичкиот и социјалниот контекст за новинарството – правниот индикатор забележа најголем пад оваа година, што е јасен знак дека новинарството сè повеќе се криминализира на глобално ниво.

    „Имајќи го предвид овој контекст, неактивноста претставува форма на соучесништво. Самото повикување на принципи повеќе не е доволно. Потребни се ефективни мерки за заштита на новинарите и тие мора да се гледаат како катализатор за промени, почнувајќи со ставање крај на криминализацијата на новинарството: злоупотребата на законите за национална безбедност, СЛАПП-тужбите и систематското попречување на оние што истражуваат, разобличуваат и именуваат одговорни. Постоечките механизми за заштита не се доволно силни; меѓународното право се поткопува, а неказнивоста е широко распространета. Потребни ни се цврсти гаранции и суштински санкции. Топката е во дворот на демократиите и нивните граѓани. Од нив зависи да им се спротивстават на оние што се обидуваат да ги замолчат медиумите. Ширењето на авторитаризмот не е неизбежно“, вели РСФ, организација со седиште во Париз.

    Општата оценка за Македонија е иста како лани, но земјата има пад во сите 5 индикатори, и се вели: „Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широкораспространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.

    Со исклучок на Косово (84 место од 180 земји и територии во Индексот, со скок од 15 места од 2025), кое бележи подобрување и покрај тоа што останува меѓу најниско рангираните земји во Европа, слободата на медиумите во Западен Балкан генерално се влошува. Од РСФ велат дека иако Албанија (пад од 3 места), Босна и Херцеговина (пад од 4 места) и Србија (пад од 8 места) се стремат кон членство во Европската Унија (ЕУ), сите три земји покажуваат непријателски однос кон новинарството и се ранливи на пропаганда. Просекот на секој од индикаторите во Источна Европа и Централна Азија е во пад, особено правниот.

    Во Америка, состојбата значително се промени, при што САД паднаа за седум места, а неколку земји од Латинска Америка, како Еквадор и Перу, дополнително навлегоа во спирала на насилство и репресија.

    „Американскиот претседател Доналд Трамп ги претвори своите постојани напади врз медиумите и новинарите во систематска политика, со што САД се спуштија на 64-то место (-7)“, вели РСФ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира