Кинематограферот Владимир Самоиловски синоќа ја доби наградата Златен објектив, која Кинотеката на Македонија ја доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Со изложба, свечена академија, доделување благодарници и со голем број гости, Кинотеката синоќа прослави 50 години постоење.
„Половина век посветеност на зачувување на филмското наследство, на спомените, на идентитетот. Кинотеката не е само архива, таа е чувар на времето, сведок на нашето постоење и глас што ги раскажува нашите приказни“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Воспоставена во 2006, Златен објектив досега ја добија 25 истакнати филмски професионалци.
Самоиловски е роден во Скопје, во 1953. Неговата кариера како филмски работник и професионален соработник на филм ја започнува во 1976 година кога се вработува во продуцентската куќа Вардар филм, најпрво како асистент снимател а подоцна и снимател-швенкер. Како асистент снимател соработува на филмовите „Пресуда“ (1977), „Дае“ ( 1979) „Оловна бригада“ (1980), „Време води“ (1980), додека како снимател работи на „Хај-Фај“ (1987)„Тетовирање“ (1991), „Ангели на отпад“ (1995), „Пред дождот“ (1994), а како директор на фотографија го раскрилува својот талент во филмовите: „Македонска сага“ (1993), „Светло сиво/Ѓавол во срцето“ (1993), „Часовник“ (1997), „Збогум на 20-тиот век“ (1998), „Хофманова 13“ (2000), „Вета“ (2000), „Илузија“ (2004), „Остани исправен“ (2005), „Зад темнината“ (2007), „Мајки“ (2010)„Бардо“ (2012), „Враќање“(2015), „Џган“ (2016) „Амби“ (2017), „Северен пол“ (2021), „М“ , „Исчезнати“, „Убиј ги прво децата“ (2024). За работата на филмот „Македонска сага“ во 1993 на Фестивалот „Браќа Манаки“ добива Бронзена Камера 300 и награда Камера 300 за најдобар дебитант.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.



