ОСКАРОТ НА ПАВЕЛ ТАЛАНКИН ИСЧЕЗНА НА АЕРОДРОМОТ ВО ЊУЈОРК ОТКАКО БЕШЕ ТРЕТИРАН КАКО ОПАСНО ОРУЖЈЕ

    ОСКАРОТ НА ПАВЕЛ ТАЛАНКИН ИСЧЕЗНА НА АЕРОДРОМОТ ВО ЊУЈОРК ОТКАКО БЕШЕ ТРЕТИРАН КАКО ОПАСНО ОРУЖЈЕПо слетувањето во Германија, статуетката ја немало во кутијата. (Фото: Павел Таланкин)

    Оскаровецот Павел Таланкин остана без својата златна статуетка за документарниот филм „Господин Никој против Путин“, откако му била одземена на аеродромот во Њујорк под образложение дека може да се користи како оружје.

    Таланкин ја носел статуетката во рачниот багаж за летот кон Германија во средата, но службата за безбедност на меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“ го запрела. Инспекторите утврдиле дека Оскарот, кој е висок 34 сантиметри и тежок речиси 4 килограми, претставува ризик за безбедноста во кабината.

    Бидејќи режисерот немал друг пријавен багаж, вработените во авиокомпанијата „Луфтханза“ помогнале признанието да се спакува во посебна кутија. Сепак, по слетувањето во Германија, статуетката ја немало. Авиокомпанијата соопшти дека спроведува итна внатрешна истрага за да го пронајде и врати Оскарот, изразувајќи жалење за целата ситуација.

    Извршната продуцентка на документарецот, Робин Хесман, вели дека Таланкин претходно повеќепати патувал со Оскарот и со наградата БАФТА на меѓународни прекуокеански летови и досега немал никакви проблеми. Таа му помагала на режисерот во комуникацијата со аеродромските служби бидејќи тој не зборува течно англиски јазик.

    Таланкин често ја носи статуетката на јавни настани и проекции за да ја прикаже пред публиката. За време на престојот во Њујорк, тој им ја давал на студентите да ја разгледаат по дискусиите за филмот.

    Документарецот „Господин Никој против Путин“ ја прикажува воената пропаганда во руските училишта по инвазијата врз Украина во 2022 година. Режисерот, кој претходно работел во училиште, сега живее во егзил во Европа поради сопствената безбедност. Филмот е забранет во Русија под обвинение за ширење екстремизам и тероризам.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира