Премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Охрид изјави дека дел од приоритетните проекти за градот се веќе реализирани или се во тек, а најави и нови инфраструктурни зафати.
Тој најави дека автопатот од Кичево до Охрид ќе биде целосно функционален најдоцна во првиот квартал од 2027 година. Мицкоски потсети на проблемите со финансирањето по откажувањето на кредитот од кинеската Ексим банка, додавајќи дека решението е најдено преку синдикат со домашните комерцијални банки, со што се гарантира довршување на изградбата.
Покрај патната инфраструктура, премиерот рече дека фокусот ќе биде ставен на завршување на проектот Плаошник, кој долго време не бил меѓу приоритетите на претходните власти. За оваа година се одвоени средства за подготовка на целосната проектна документација, додека за следната година е планирана поинтензивна работа на терен.
„Следен проект што мислам дека треба многу внимателно да му се посвети внимание овде во Охрид е „Плаошник“. Конечно да го завршиме тој проект, почнат од пред многу време. За жал не бил во приоритетите на многу влади претходно“, изјави Мицкоски.
Според него, со овие инвестиции Охрид и крајбрежјето ќе добијат соодветен изглед и квалитетна инфраструктура каква што заслужуваат.



