Медиумскиот могул Тед Тарнер, кој стана пионер во модерната 24-часовна информативна култура кога го лансираше каналот „Си-Ен-Ен“, почина на 87-годишна возраст, објави мрежата.
Во 1980 година, Тарнер го лансираше „Кејбл њуз нетворк“ како прв наменски информативен канал, кој подоцна стана централен дел од медиумскиот пејзаж. „Си-Ен-Ен“ првично се соочи со скептицизам и тешкотии и беше исмеван од оние кои мислеа дека нема да успее.
Но, каналот ја докажа својата вредност со тоа што обезбеди брзи и континуирани ажурирања на приказни, како обидот за атентат врз американскиот претседател Роналд Реган во 1981 година и катастрофата на вселенскиот шатл „Челинџер“ во 1986. Мрежата навистина созреа со својот пренос во живо од Ирак за време на Заливската војна во 1990/91.
Претседателот Џорџ Буш еднаш рече дека дознавал повеќе од „Си-Ен-Ен“ отколку од ЦИА.
Тарнер ја започнал својата кариера преземајќи ја успешната семејна компанија за билборди кога неговиот татко си го одзел животот, а потоа купил радиостаница во Атланта. Во рок од една деценија, таа станица стана основа на радиодифузниот систем „Тарнер“, а нејзиниот шеф еден од најголемите медиумски могули во САД.
Тарнер беше и успешен едриличар и сопственик на неколку американски професионални клуба. Како филантроп, донираше повеќе од милијарда долари на Обединетите нации и повеќе милиони за еколошки проекти.
Од 1991 до 2001 беше во брак со холивудската легенда Џејн Фонда.



