Режисерот Стојан Вујичиќ почна со снимањето на филмот „Снешко“, во продукција на „Дрим Фектори“. Сценариото е на Вујичиќ во соработка со Александар Русјаков, како и Дена Вујичиќ (19).
„Снешко“ доби 26 милиони денари (420.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм во февруари 2024.
„’Снешко’ е драма за едно тинејџерско созревање со елементи на фантазија. Лили (16) живее на остров, кадешто никогаш не снежи. Таа е математички гениј — интровертна, оригинална, неприфатена од средината. Таа ја носи со себе сликата на татко си, морнарот кого морнарите го нарекуваат Капетан Снешко, насекаде: присутен во нејзиниот ум, жив во нејзините мисли, водечки. Кога Тајното математичко здружение ја избира да се натпреварува со четири математички гении во средновековниот Кастело ди Верес (Castello di Verrès) во Италија, Лили за првпат го напушта сончевиот остров и добива шанса да го види снегот за кој отсекогаш сонува. За да победи на натпреварот, мора да направи нешто поголемо од математика. И тоа е единствената задача за која таа нема формула“, соопшти продукцијата.
Екипата ја сочинуваат: Ирина Апелгрин, Христијан Ристевски, Тони Наумовски, Даниела Ивановска, Симеон Дамевски, Тони Михајловски. Кинематографер е е Дејан Димески, костимограф е Гео Павлов, сценограф е Влатко Зафирковски, автори на шминката се Магдалена Бојаџиева и Снежана Ангеловска Живковска. Продуцент е Огнен Антов.
„Овој филм е дел од едно чувство кое не бледнее со годините. Чувство дека во еден момент животот ненадејно се менува, без предупредување, без образложение — и дека од тој момент низ животот си оставен сам да го преведуваш она што се случило во смисла, во логика, во живот. Снешкото е симбол на нешто чисто, среќно и поставено со прецизна функција во филмот. Ништо не е случајно, ништо не е декоративно“, вели режисерот.
Вујичиќ во 2021 го сними „Стела“, првиот македонски долгометражен игран филм за деца.
„Снешко“ е меѓународна копродукција на „Дрим Фектори“ (Македонија) со партнерски продукциски куќи од Хрватска, Италија, Бугарија и Албанија. Продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм на Македонија и националните фондови на државите.



