Влатко Стефановски донесе акустична гитара, ја отпеа „Чукни во дрво“ и доби силен аплауз на скопската промоција на два нови албума, што се одржа во хотелот „Холидеј ин“ пред бројни гости.
Стефановски нагласи дека албумот „Мускулна меморија“ (Muscle Memory), што излезе набргу по „Гитарата пее“ (Guitar Sings), е 39. на кој се појавува како автор во повеќе од пет децении кариера.
„Иако секогаш сум задржал скромност, јас не се потценувам себеси. Знам до каде сум и кај сум стигнал во некои музички нивоа. Со секое излегување на мој нов албум, ја проверувам листата на албуми и запишав во телефонот дека ‘Мускулна меморија‘ е 39. издание под мое име како автор“, рече Стефановски.
И додека „Мускулна меморија“ содржи нов авторски материјал, „Гитарата пее“ е голем инструментален проект посветен на хрватскиот хитмејкер Ѓорѓе Новковиќ, во чие снимање учествуваше и Лондонската филхармонија.

„Мускулна меморија“ содржи нов авторски материјал, „Гитарата пее“ е инструментален проект посветен на хрватскиот хитмејкер Ѓорѓе Новковиќ (Фото: СДК.МК)
„Овие албуми ја покажуваат таа потреба на Влатко за создавање. Тој е музичар кој не мирува. Зад себе има повеќе од 50 години кариера, но и натаму ја има таа потреба за создавање, го слуша времето во кое живее и има потреба на некој начин да го артикулира тоа“, рече Клаудија Чулар, уредничка во дискографската куќа „Кроација рекордс“, со која Стефановски соработува уште од 1983 година.
Иако стилски и концепциски различни, Стефановски вели дека овие два албума ја отсликуваат неговата музичка и авторска подвоеност, што се провлекува низ неговата кариера.
„‘Мускулна меморија‘ содржи девет песни, некои инструментални, некои со текстови. Јас во исто време свирам некои зафрканции што се блиску до фјужн музиката, прогресивниот рок, а од друга страна, имам потреба да напишам и некоја балада, која е блиску до рок-поп правецот. Од една страна, сум напишал песни кои станале хитови, а од друга страна сум поет кој свири гитара, како што вие велите, виртуозно. Мислам дека тие два принципа добро се надополнуваат“, рече Стефановски.
Тој кажа дека снимањето на „Мускулна меморија“ траело три-четири години, затоа што во меѓувреме многу патувал и имал концерти. На албумот свират и Звјездан Ружиќ, Дамир Имери, Горан Папаз и ритам-секцијата Јан Стефановски и Иван Кукиќ, за која вели дека е особено горд.
Г. КОНЕВ



