Денеска во 18:30 часот, на 61. Венециско биенале на уметноста ќе биде отворен Македонскиот павилјон, каде ќе биде изложен проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски.
Носител на проектот е Музејот на современа уметност во Скопје (МСУ-Скопје). Македонскиот павилјон е на локацијата Спацио Кастело 77 на влезот во престижното Арсенале. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.
Венециското уметничко биенале е најстарата ликовна манифестација во светот и ќе трае од 9 мај до 22 ноември. На 9 мај требаше да бидат доделени и главните награди Златен лав во неколку категории, но оваа свеченост е одложена за 22 ноември, откако Меѓународното жири кон крајот на минатата недела поднесе колективна оставка.
Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чија кураторка е Којо Куох, која почина пред една година. Изложбата ќе ја реализира тимот која таа сама го избрала. На изложбата ќе бидат претставени дела од 110 уметници од целиот свет. Дополнително, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.
Жерновски во своето дело ја обвиткува препознатливата скулптура „Пиета“ од Микеланџело со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар – повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија, обложена со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина.
Кураторите велат дека уметникот со овој материјал повторно ја облекува „Пиета“ за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање.
„Вниманието повеќе не е насочено само кон човечката фигура, туку се проширува кон кревките релации, неизвесните иднини и споделените состојби на изложеност на ургентноста. Под рефлектирачките набори на прекривките, фигурите се појавуваат и исчезнуваат, сугерирајќи протејска трансформација. Состојбата на ургентноста е катализатор на промената. Во денешниот обеспокоен свет делото на оплакувањето бара безграничен хоризонт каде жалењето не е крајна точка, туку генеративен процес што доведува до нови релации и одговорности“, велат кураторите.
Велимир Жерновски (1981, Скопје) дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Преку цртеж, видео, инсталации, објект-инсталации во јавен простор, пишување и објавување уметнички книги, како и сценски дизајн, тој ги истражува поимите на идентитет, урбаност и популарна култура. Реализирал самостојни изложби во Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Белград (2014, 2020), Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Активно учествува на бројни групни изложби во Европа, САД и Азија уште од самиот почеток на неговата кариера во 2005 година.



