Седумдесет и деветтото издание на Канскиот филмски фестивал почнува денеска со 22 филмови во официјалната селекција за Златна палма. Затворањето е на 23 мај со свеченото доделување на наградите.
Отворањето е со филмот „Електричниот бакнеж“, француска историска комедија на режисерот Пјер Салвадори, како и со доделување на почесна Златна палма на режисерот на „Господарот на прстените“, Питер Џексон.
Филмови за војна, тага и вештачка интелигенција ќе се натпреваруваат за највисоката награда на Канскиот фестивал, во трка што останува целосно отворена поради отсуството на големи филмски студија и други познати фаворити.
Гламурозниот фестивал, кој долго време служеше како платформа за промоција на холивудски франшизи, како „Индијана Џонс“ и „Топ ган“, оваа година нема да биде домаќин на блокбастери, ниту на спектакуларни прошетки по црвениот тепих што обично ги придружуваат, бидејќи филмските студија стануваат сè повнимателни кон ризиците и трошоцоте.
Сепак, ќе има многу познати имиња, меѓу нив Барбра Стрејсенд, која ќе добие Златна палма за животно дело, како и Џон Траволта, кој ќе го има своето режисерско деби.
Јужнокорејскиот режисер Парк Чан-вок, познат по филмовите „Олдбој“ и „Без избор“, е претседател на жирито.



