Унгарскиот премиер Петер Маѓар кажа дека рускиот амбасадор е повикан во министерството за надворешни работи за да го прашаат кога Русија мисли да ја заврши војната со Украина. Министерката Анита Орбан на состанокот ќе го осуди денешниот руски напад врз западниот дел на Украина, каде што живеат етнички унгарски заедници, при што загинаа шест луѓе.
Ова е голема промена во надворешната политика на Унгарија, која под водство на Виктор Орбан беше најблискиот сојузник на Русија во ЕУ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го пофали потегот на Унгарија како важна порака.
Зеленски кажа дека од полноќ, Русија лансирала повеќе од 800 дронови, намерно напаѓајќи ги областите кои се најблиску до границите на земјите-членки на НАТО. Полска крена борбени авиони од претпазливост за време на нападот, додека Словачка ги затвори граничните премини со Украина од безбедносни причини.
„Секако не може да се нарече случајност тоа што еден од најдолгите масовни руски напади врз Украина се случува токму во времето кога претседателот на САД е во посета на Кина“, напиша Зеленски на Телеграм.
Министерството за одбрана на Молдавија соопшти дека беспилотно летало влегло во нејзиниот воздушен простор и летало околу 300 километри пред да исчезне од радарите.
Украинското воено разузнавање кажа дека големиот напад со дронови бил наменет за совладување на украинската противвоздушна одбрана, предупредувајќи на последователни ракетни напади. Се вели дека Москва ги таргетирала критичната инфраструктура и основните услуги во големите градови.
Мета на нападот беше и Киев, каде биле погодени шест окрузи и загинало најмалку едно лица. Зеленски кажа дека во нападот биле користени и балистички и крстосувачки проектили.



