Покрај хартиените свидетелства, на крајот од тековната учебна година, учениците од прво до трето одделение за првпат ќе добијат и дигитални свидетелства, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Дигитализацијата е поддржана од „Македонски телеком“.
„Оваа учебна година започнуваме со етапно воведување на дигиталните свидетелства. Тие ќе имаат идентична важност како и хартиените, кои постепено ќе се заменуваат, што ќе значи олеснување на административната работа на училиштата, намалување на трошоците за печатење и онлајн достапност на документот во секое време. Задоволна сум од интензитетот на овој процес, затоа што речиси сите постапки за остварување на права и услуги се поедноставени и се реализираат по електронски пат. Преостанува уште уписот во високо образование, а со воведувањето на дигиталните свидетелства, се отвора можност за остварување и на оваа цел“, изјави министерката Весна Јаневска.
„Македонски телеком“ донирал електронски потписи за сите 368 основни училишта во земјава.
„Денешните ученици се генерации кои ќе живеат, учат и работат во целосно дигитален свет и затоа е важно да создадеме современ, ефикасен и достапен образовен систем“, изјави Горан Марковиќ, главен извршен директор на „Македонски телеком“.
Од МОН велат дека со воведувањето на дигиталните свидетелства, учениците и нивните семејства ќе имаат полесен и побрз пристап до документите, додека училиштата ќе добијат поефикасен административен процес и трајна електронска архива..



