По апсењето на началникот на белградската полиција Веселин Милиќ, кој е обвинет за прикривање убиство, српскиот претседател Александар Вучиќ најави донесување закон со кој од работа ќе бидат избркани сите полицајци и војници кои штитат тајкуни или криминалци.
Милиќ беше уапсен вчера во врска со исчезнувањето на Александар Нешовиќ-Баја од еден ресторан во Белград на 12 мај. Според српските медиуми, Нешовиќ седел во друштвото на Милиќ кога бил убиен од Саша Вуковиќ, но, наспроти вчерашните пишувања, неговото тело се уште не е пронајдено. Милиќ помогнал да се отстранат трагите и снимките од надзорните камери.
„Ако некој кој завршил полициско школо чува какви бнло криминалци и е во состојба да изврши најтешко кривично дело и потоа мртов-ладен да седне на пијачка, тој нема што да бара во војска или полиција“, кажа Вучиќ.
На Милиќ, кој порано беше советник на претседателот Вучиќ за борба против корупција и криминал, му е одреден максимален притвор до 30 дена.
„Државата веќе нема да вложува во нечие знаење од безбедносниот систем, а тие потоа да работат за криминалци и пола наркодилери да имаат полициско обезбедување. Тоа се случува веќе 40 години и имам волја да го променам. Доста беше“, порача Вучиќ.
Директорот на српската полиција Драган Васиљевиќ изјави дека над 200 полицајци работат на расчистувањето на случајот и дека досега се уапсени девет лица.



