Авион на НАТО собори украински дрон над јужна Естонија денеска, објавија властите.
Украина ја обвини Русија за пренасочување на едно од нејзините беспилотни летала во естонскиот воздушен простор, што е најновиот прекуграничен инцидент со дрон во балтичките држави. Поради паѓање на украински дрон во Летонија, тамошната премиерка поднесе оставка минатата недела.
„Со оглед на траекторијата на дронот, одлучивме дека треба да го собориме. Најверојатно бил наменет да погоди некои руски цели“, рече естонскиот министер за одбрана Хано Певкур, додавајќи дека во акцијата учествувал романски борбен авион „Ф-16“.
Естонската војска кажа дека дронот влегол во воздушниот простор на земјата од Русија.
„Овие инциденти се директен резултат на војната и провокациите на Русија. Естонија ја зајакнува соработката со Украина за да ги засили своите капацитети за воздушна одбрана“, рече естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна.
Украина негираше дека ги користи териториите на Естонија и Летонија за да лансира дронови кон Русија.
„Русија продолжува да ги пренасочува украинските беспилотни летала кон Балтикот со употреба на уреди за електронско војување. Им се извинуваме на Естонија и на сите наши балтички пријатели за ваквите ненамерни инциденти. Нашите легитимни воени цели се наоѓаат во Русија и ние го користиме рускиот воздушен простор за да стигнеме до нив“, изјави портпаролот на украинското министерство за надворешни работи Георги Тихи.



