Владимир Путин пристигна во Пекинг само неколку дена по посетата на Доналд Трамп и заедно со Шји Џинпинг го пофалија напредокот во стратешките врски на Русија и Кина. Се очекува Москва на нивниот самит да се заложи за посилни енергетски врски.
Доаѓањето на рускиот претседател се совпаѓа со 25-годишнината на Договорот за добрососедство и пријателска соработка помеѓу Русија и Кина, кој служи како основа за односите помеѓу двете земји.
Шји рече дека двете земји треба да се фокусираат на долгорочна стратегија и да промовираат поправеден и поразумен систем на глобално управување.
„Односите помеѓу Кина и Русија го достигнаа ова ниво затоа што успеавме да ги продлабочиме меѓусебната политичка доверба и стратешката соработка. Актуелната меѓународна ситуација е сложена и нестабилна, со еднострана хегемонија, што е во пораст“, рече Шји на почетокот на средбата.
Путин кажа дека нивните односи помагаат да се обезбеди глобална стабилност и нагласи дека Русија останува сигурен снабдувач со енергенси во услови на нарушувања на Блискиот Исток.
„Дури и во услови на неповолни надворешни фактори, нашите економски врски и соработка продолжуваат да покажуваат добра динамика. Двете земји треба да си помагаат една на друга во развојот и ревитализацијата“, рече Путин и додаде дека го поканил Шји да ја посети Русија следната година.
Двајцата имаа кратка средба, по што ќе следува поширок состанок со учество на двете министерско-деловни делегации. Трговијата помеѓу Кина и Русија вредеше 240 милијарди долари во 2025, што е намалување од 6,5% во однос на рекордот во 2024 и претставува прв пад за пет години.
Според Кремљ, се очекува да бидат потпишани околу 40 документи и ќе биде објавена заедничка изјава од 47 страници за зајакнување на нивното партнерство.



