Следната недела имаме заеднички состанок со вицепремиерот Арбен Фетаи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Вицепремиерот за добро владеење Фетаи веќе втор месец не се појавува на работа. Опозицијата, Владата и Собранието не успеаја да го донесат ниту на седницата за пратенички прашања на 18 мај, иако претходно му беше најавено дека ќе му бидат поставени прашања и дека е задолжително да присуствува.
Според објавите на неговата официјална фејсбук страница, вицепремиерот Арбен Фетаи последните активности на функцијата ги имал во март.
Мицкоски денеска присуствуваше на поставување на камен темелник на доградба на ООУ „Јоаким Крчовски“ во скопската Општина Ѓорче Петров и на новинарско прашање дали ќе потврди дека Фетаи не доаѓа на работа и дали зема плата, тој одговори:
„Вицепремиерот Арбен Фетаи, следната недела имаме јас и тој заеднички состанок. Така што, после тој состанок многу работи ќе бидат појасни. Инаку, официјално тој е потпретседател на Владата задолжен за добро владеење“.
Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК две недели прашува во Владата дали Фетаи зема плата, а оттаму ни велат дека за тоа прашање треба да одговорат од Министерството за финансии.
Во април, премиерот Мицкоски изјави дека Фетаи најавил повлекување од Владата. Според него, Фетаи сака да ја продолжи кариерата во европските институции во Брисел, каде што веќе има искуство. Мицкоски тогаш рече дека неговите контакти можат да се искористат преку евентуален ангажман како специјален пратеник. Фетаи подолг период не присуствувал на владините седници.
Б. НЕСТОРОСКА



