ПОНИШТЕН ТЕНДЕРОТ ЗА 150 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ ШТО ГО ДОБИЈА „ЕЛЕКТРОБУС-ИКАРУС“ И ЕВН, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ ЌЕ РАСПИШЕ НОВ

    ПОНИШТЕН ТЕНДЕРОТ ЗА 150 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ ШТО ГО ДОБИЈА „ЕЛЕКТРОБУС-ИКАРУС“ И ЕВН, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ ЌЕ РАСПИШЕ НОВНа тендерот како најповолни понудувачи беа избрани унгарската компанија „Електробус-Икарус“ и австриската ЕВН, а поништен е откако една од четирите компании кои конкурирале на јавниот повик поднела жалба. (Фото: СДК.МК)

    Државната комисија по жалби за јавни набавки го поништи тендерот за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, на кој како најповолни понудувачи беа избрани унгарската компанија „Електробус-Икарус“ и австриската ЕВН. Одлуката следува откако една од четирите компании кои конкурирале на јавниот повик поднела жалба до Комисијата.

    Од Министерството за транспорт и врски потврдија дека постапката е поништена и најавија нов оглас во најкус можен рок.

    „Државната комисија по жалби за јавни набавки по службена должност донесе решение за поништување на јавната набавка на електрични автобуси и електрични полначи. Министерството за транспорт, согласно своите надлежности, предметната јавна набавка повторно ќе ја објави согласно законските прописи во најбрз можен рок“, соопштија од Министерството.

    Проценетата вредност на целокупната набавка, според огласот објавен на Бирото за јавни набавки, изнесуваше околу 51 милион евра. Од 150 автобуси, 100 ќе бидат за Град Скопје, а останатите 50 за другите градови.

    По реакцијата на опозиционата СДСМ дека на тендерот имало понуда која е за 12 милиони евра поевтина, Министерството за транспорт и врски соопшти дека ја водело постапката за набавка на 150 електрични автобуси и електрични полначи во целосно транспарентен процес и целосно согласно Законот за јавни набавки и ги објасни причините за отфрлање на секоја од четирите пристигнати понуди.

    „Пристигнаа четири понуди од понудувачите: Кинеската компанија ‘Актрус’ со автобуси ‘кинг лонг’ во вредност од 50.700.000 € без ДДВ, унгарско-австрискиот конзорциум ‘Електробус Икарус-ЕВН’ во вредност од 50.600.000 € без ДДВ, кинеската компанија ‘Жонг Тонг’ во вредност од 50.600.000 € без ДДВ и турската компанија ‘БМЦ’ во вредност од 59.200.000 € без ДДВ. Поединечните цени по автобус без полнач се: ‘Електробус/Икарус’: 314.000 €, ‘Актрус/ Кинг Лонг’: 324.000 €, ‘Жонг Тонг’: 327.000 € и ‘БМЦ’: 385.000 €. Од ова се забележува дека сите цени се приближно исти, односно нема разлика од 12 милиони евра. Сакаме да информираме дека трите компании не ги исполнија условите за избор. Компанијата ‘Актрус/ Кинг Лонг’ не достави валидна банкарска гаранција, со што понудата беше невалидна, ‘Жонг Тонг’ исто така имаше невалидна банкарска гаранција, додека компанијата ‘БМЦ’ воопшто не достави банкарска гаранција и не ги исполни техничките услови. Додека за ‘Електробус Икарус-ЕВН’ второстепената комисија за жалби по јавни набавки утврди дека одговорот за соработка помеѓу ‘Икарус и ЕВН’ хартиено е потпишан, но не и електронски и затоа го поништи тендерот“, соопшти Министерството и побара извинување од СДСМ, а во спротивно ќе ја тужи партијата.

    Ова е втор неуспешен обид на Владата за набавка на електрични автобуси. Првиот тендер, распишан во јуни минатата година, пропадна бидејќи единствениот пријавен понудувач не ги исполнувал условите.

    Министерството за транспорт на 30 април соопшти дека Комисијата составена од стручни лица, по евалуација на четирите пристигнати понуди, утврдила дека три економски оператори не ги исполнуваат условите од јавниот повик. Како најповолен понудувач беше избрана заедничката понуда на „Електробус-Икарус“ и ЕВН.

    Според тогашната одлука, вредноста на понудата изнесувала 19,35 милиони денари, односно околу 314 илјади евра по автобус, што од Министерството го оценија како конкурентна цена на пазарот на електрични автобуси.

    Тендерот предвидуваше набавка на автобуси со најмалку 300 киловати моќност, капацитет за минимум 66 патници и автоматски регулиран клима-уред за ладење и греење. Автобусите требаше да бидат во црвена или бела боја, со најмалку 33 седишта, а да бидат одобрени согласно Европската директива 2018/858.

    Според условите, „Икарус“ требаше да биде задолжен за испорака, одржување, сервисирање и обезбедување резервни делови за автобусите во наредните 10 години, додека ЕВН требаше да ги испорача и одржува 75-те станици за полнење.

    Планираната динамика на испорака предвидуваше 30 автобуси и 15 полначи да бидат доставени во рок од шест месеци по потпишување на договорот, уште 60 автобуси и 30 полначи во рок од 12 месеци, а преостанатите 60 автобуси и 30 полначи во рок од 18 месеци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира