Македонија се наоѓа на листата на најлоши здравствени системи во светот, објави Хелткер (Healthcare), користејќи го Индексот за здравствена заштита на Намбео (Numbeo) за 2026 година, базиран на анкети со јавноста кои го оценуваат квалитетот на медицинските услуги, инфраструктурата, персоналот, времето на чекање и трошоците. Ова не е официјално мерење на Светската здравствена организација (СЗО), туку индекс базиран на искуства и мислења на корисници.
Тајван е рангиран на прво место со индексен резултат од 87, додека троши околу 2.400 долари по лице годишно за здравствена заштита. Наспроти тоа, САД трошат околу 13.500 долари по жител, повеќе од која било друга земја на листата, но сепак се наоѓа на 40-то место.
На листата на најлоши здравствени системи има 25 држави, на прво место е Сирија, која троши по 33 долари по лице годишно за здравствена заштита, а Македонија е на 22 место, со индекс на заштита 55 и троши по 639 долари по лице годишно за здравствена заштита. После Македонија се Украина со индекс 56, Грузија со индекс 56 и Романија со индекс 57. Албанија има индекс 48 и троши по 591 долар, а Србија има индекс 52 и троши по 984 долари по жител.
Резултатите укажуваат на поширок глобален тренд: некои од најуспешните здравствени системи во светот постигнуваат добри резултати за пациентите без да имаат највисоки здравствени трошоци. Една од најјасните појави во рангирањето е дека најдобрите здравствени системи не се нужно и најскапите. Земјите со најдобри резултати обично даваат приоритет на широк пристап до услуги, превентивна грижа и ефикасност, наместо само на високо трошење.
Тајван е одличен пример. Националниот систем за здравствено осигурување на Тајван обезбедува речиси универзално покривање за повеќе од 23 милиони жители, со стапка на осигуреност од 99,9%, додека административните трошоци остануваат доста ниски и обично изнесуваат помалку од 1% до 1,5% од вкупните медицински трошоци.
Јужна Кореја и Јапонија исто така комбинираат универзално здравствено осигурување со густа мрежа на болници, што придонесува за високо јавно задоволство.
И Европа доминира на листата, со повеќе од половина од првите 25 здравствени системи. Нордиските и западноевропските земји постојано добиваат високи оценки поради широкиот пристап до здравствени услуги, помалите финансиски бариери и добрите резултати во грижата за пациентите.
Тајланд (8 место) и Еквадор (6 место) се рангирани изненадувачки високо, иако трошат само дел од средствата што побогатите земји ги издвојуваат по жител за здравство. Нивните резултати укажуваат дека широкиот пристап и ефикасноста на системот можат да бидат подеднакво важни како и вкупното трошење.
На дното од рангирањето, најслабите здравствени системи се концентрирани во земји што се соочуваат со економска нестабилност, конфликти или долгорочно недоволно инвестирање.
Сирија е последна на листата со индекс за здравствена заштита од 35, што ги одразува годините на војна и уништената медицинска инфраструктура. Венецуела, Бангладеш и Ирак исто така се меѓу најниско рангираните, заедно со неколку африкански економии кои се соочуваат со недостиг на лекари и ограничени болнички капацитети.




