Русија се закани со нови „систематски напади“ врз Киев, неколку дена откако го изведе еден од најголемите напади врз главниот град на Украина од почетокот на војната. Руското министерството за надворешни работи кажа дека мети на новите напади ќе бидат центри за донесување одлуки, заповедни центри и локации за производство на дронови, при што ги повика странските државјани и дипломати да го напуштат градот најбрзо што можат, а жителите да бидат подалеку од воените и административните згради.
„Руските закани се ништо помалку од бесрамна уцена. Со предупредувањето до странските државјани, Москва признава дека нејзините гранатирања имаат за цел и да го заплашат странскиот дипломатски кор. Руските напади врз Киев не престанале практично ниту една недела од почетокот на војната, а целокупната безбедносна закана од Москва останува иста како и во претходните години или месеци“, соопшти украинското МНР.
Во телефонски разговор синоќа, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повика американскиот државен секретар Марко Рубио да ги евакуира американските дипломати од Киев.
Најмалку четири лица загинаа, а околу 100 беа повредени во големиот напад со стотици дронови и десетици проектили врз Киев во саботата. Во нападот беше лансиран и хиперсоничен проектил „орешник“, третпат од почетокот на војната. Москва кажа дека тоа беше одмазда за „намерниот украински напад врз студентски дом во Старобилск во Луганск“, кога загинале 21 лице. Украинската војска го потврди нападот, но кажа дека погодила елитна руска единица за дронови.



