Владата и „Авалон“ ја објавија втората светска музичка ѕвезда која ќе настапи на прославите по повод 35 години независност на Македонија, но колку ќе се плати за Дејвид Гета и Хозе Карерас од државниот буџет, ќе биде кажано дури по објавувањето на сите настани.
Според владината портпаролка Марија Митева, Владата не крие ништо во однос на организацијата, но поради некои договорни клаузули, во моментот не можат да ги објават сумите.
„Како влада не останавме должни. Немаме што да криеме во однос на организацијата, меѓутоа ќе ни дозволите да завршиме со најавите на сите настани и потоа достоинствено и доследно ќе информираме за сите детали. Ценам дека никој од нас не сака да фрли црна дамка врз организацијата на одбележувањето на 35 години независност, така што нашата транспарентност ќе остане како што била и досега. Постојат некои договорни клаузули за кои не сме во можност сега да зборуваме, но дајте ни време да ги објавиме сите настани и веднаш ќе ја информираме јавноста за сите детали“, рече Митева.
Владата не го објави ни предвидениот буџет за прославата на 35-годишнината од независноста, ниту пак кој и како одлучил каква да биде програмата и кој да ја спроведува.
- ДЕЈВИД ГЕТА ЌЕ БИДЕ ГЛАВНАТА МУЗИЧКА ЅВЕЗДА НА ПРОСЛАВАТА НА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ НА МАКЕДОНИЈА
- ЗА 12 ЧАСА РАСПРОДАДЕНИ КАРТИТЕ ЗА НАСТАПОТ НА ДЕЈВИД ГЕТА ЗА ПРОСЛАВАТА НА 8 СЕПТЕМВРИ
Карерас ќе настапи на плоштадот Македонија во Скопје на 1 септември заедно со некои од најпознатите македонски музичари и настанот ќе биде отворен за јавност, додека за настапот на Дејвид Гета на стадионот „Тоше Проески“ на 8 септември беше потребна регистрација преку интернет, за што требаше да се платат 35 денари. Од „Авалон“ соопштија дека овој настан бил распродаден за 12 часа, при што се продадени 50.000 влезници.
„Очекувајте од нас уште многу нови изненадувања, со вклучување на голем број на македонски уметници“, рече Митева.
Г. КОНЕВ



