СУДИЈАТА ЃОКО РИСТОВ СОКРИЛ ВО ЅИД 350.000 ЕВРА ШТО Е МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД НЕГОВАТА СУДИЈСКА ПЛАТА, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА ХАЏИ ВАСИЛЕВА, А ТОЈ РЕЧЕ ДЕКА ЌЕ ДОКАЖУВА СО ДОКУМЕНТИ ОТИ ПАРИТЕ НЕ СЕ НЕГОВИ

    СУДИЈАТА ЃОКО РИСТОВ СОКРИЛ ВО ЅИД 350.000 ЕВРА ШТО Е МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД НЕГОВАТА СУДИЈСКА ПЛАТА, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА ХАЏИ ВАСИЛЕВА, А ТОЈ РЕЧЕ ДЕКА ЌЕ ДОКАЖУВА СО ДОКУМЕНТИ ОТИ ПАРИТЕ НЕ СЕ НЕГОВИ„Не се чувствувам виновен ни за првото, ни за другото кривично дело”, кажа обвинетиот судија Ристов кому истражителите му најдоа 350.000 евра во дупка во ѕид во семејниот дом во Неготино. (Фото: К. Попов)

    Судијката Билјана Коцевска од Одделот за гонење организиран криминал го отвори судскиот процес против апелациониот судија Ѓоко Ристов, кому истражителите му најдоа 350.000 евра во дупка во ѕид во семејниот дом во Неготино.

    Во воведниот говор обвинителката Искра Хаџи Василева рече дека Ристов свесно презел дејствија спротивно на одговорноста на која го повикува судската тога. Додека бил апелационен судија, тој дал погрешни податоци за имотната состојба.

    „Ние ќе ја докажеме неговата намера за лажење. Тој противправно стекнал и не пријавил 450 просечни плати во ѕид или 350.000 евра. Тоа ги надминува неговите месечни приходи. Никогаш тој имот не го пријавил, зашто нема законска основа за нивното потекло. Тоа нè носи кон второто дело Перење пари. Беа завиткани во фолии во банкноти по 500 и по 200 евра, закопани во дупки во цигли и зад плочки и зад кујнски елементи, на вториот кат. Овие пари потекнуваат од трговија со влијаниние, ние ќе го докажеме тоа. Обвинетиот даде лажни податоци, не се покаја, а судија е”, кажа обвинителката во воведниот збор и потсети дека тој не го пријавил ни станот во скопски Карпош од кој денеска беше спроведен од куќен притвор.

    Судијката Коцевска го повика Ристов на пултот да се изјасни за вина.

    „Не се чувствувам виновен ни за првото, ни за другото кривично дело”, кажа обвинетиот судија Ристов.

    „Ѕидовите зборуваат, а доказите молчат, такво е ова обвинение. Ќе одговориме на холивудскиот наратив на Обвинителството и на нивниот неиздржан филм користејќи го емотовниот нартив на јавноста. Мојот клиент кој професионално си ја извршува работата, беше осуден во јавноста уште пред да почне судењето. Најдени се пари во ѕид на туѓа куќа и не постои доказ кој го поврзува со неговата функција. Ќе докажеме со документи дека неговите родители легално го стекнале овој имот. Второто дело Перење пари е чист сензационализам и претпоставки”, рече во воведниот збор неговиот адвокат Ѕвонко Давидовиќ.

    По него стана обвинетиот судија кривичар и набројуваше според Кривичниот законик во кои случаи се работи за Перење пари, што не е случај, како што рече, во неговата постапка.

    Истражителите неколкупати се враќале во куќата на судијата, зашто од прва не можеле да ги најдат илјадниците евра за кои истрагата имала сознанија. На 18 јануари, дупката ја откриле со тропање т.е. по различниот звук и преку погрешно залепена плочка во кујната. Големиот куп евра во крупни банкноти во семејната куќа на Ристови во Неготино беше откриен откако претходно беше фатен адвокатот Фехмо Стафа при земање 50.000 евра, за кои во истрагата рекол дека се за Ристов.

    Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕид на кујната.

    Обвинението вели дека во периодот од 10 февруари 2020, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена, Ристов давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи. Од поведувањето на постапката, обвинителката презела повеќе дејствија со кои обезбедила цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства, со што се потврдиле елементите кои го исполнуваат битието на кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а.

    Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, се обезбедиле докази кои укажуваат на обележја и на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира