Во Кривичниот суд Скопје денеска продолжи судскиот процес против 13-темина полицајци, третата обвинета група службени лица, од кои 9 поминале во кочанското диво диско „Пулс“ само десет минути пред да се случи катастрофалниот пожар со 63 жртви и над 230 повредени, и не ја спречиле трагедијата со пиротехниката внесена и запалена без одобрение на полицијата.
Откако на минатото рочиште сите 13 полицајци се изјаснија дека не се виновни, денеска почна доказната постапка. Обвинителката Спасенка Андоновска читаше десетици докази што ги предлага, а главен беше Акциониот план за контрола на угостителските објекти на МВР – Биро за јавна безбедност – СВР Штип – ОВР Кочани.
Од следното рочиште почнува сведочењето на сведоците.
Во оваа трета и најголема група полициски службени лица што ги обвини обвинителката Ивана Трајчева се: Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.
„Во конкретниот случај постои основано сомневање дека во период од 14.03.2025 година до 16.03.2025 година, на територијата на СВР Штип, осомничените како службени лица сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Имено тие како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – одобриле План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на ПС Кочани, без да проверат дали планот ги има опфатено сите проверки во надлежност на МВР и дали се запазени одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи. По овој план, кој бил изготвен врз основа на претходно изготвени планови, без било какви измени, било постапено, и на 16.03.2025 година на место каде што биле собрани поголем број на луѓе – кабаре ‘Пулс’, не преземале мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група ‘ДНК’ во моментот кога ја вршеле контролата, чие палење не било пријавено во полициската станица Кочани, а од која пиротехника како последица настанал пожар во дискотеката, со што не преземале мерки за заштита за присутните лица во дискотеката, каде поради несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола настанал пожар, и со тоа предизвикале настапување на смрт на 63 лица, а над 200 лица се здобиле со потешки и полесни телесни повреди и телесни повреди“, стои во обвинението, сега застапувано од Спасенка Андонова од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).
За непречено водење на постапката и заради обезбедување присуство на обвинетите, за овие лица во сила се судски мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетите да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој го определил судијата на претходна постапка, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, меѓутоа и забрана за преземање определени работни активности – полициски службеник, што значи тие се уште се отстранети од работа.
Ова се актуелни полициски началници и други службеници. Некои од началниците беа сликани во партиски штабови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од нив, претходно во акциите за приведување на двете други групи полицајци поврзани со трагедијата во Кочани, а кои биле на функција години пред пожарот, тие беа веднаш уапсени и ним им беа одредувани мерки ефективен притвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА



