ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СЛУШНИ МЕ“ НЕ Е ЗА КАРИЕРАТА НА СЛАТКАРИСТИКА ТУКУ ЗА НЕГОВАТА БОРБА СО ПЕЛТЕЧЕЊЕТО И СТИГМАТА, ПОЈАСНИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СЛУШНИ МЕ“ НЕ Е ЗА КАРИЕРАТА НА СЛАТКАРИСТИКА ТУКУ ЗА НЕГОВАТА БОРБА СО ПЕЛТЕЧЕЊЕТО И СТИГМАТА, ПОЈАСНИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАМарко Маринковиќ-Слаткаристика денеска кажа дека низ животот често се соочувал со предрасуди и потценувања поради проблемот со говорот, но токму музиката му помогнала да пронајде начин да се изрази. (Фото: СДК.МК)

    Биографскиот музички документарец „Слушни ме“ на режисерот Радован Петровиќ и „ОХО Продукција“, не е филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Марко Маринковиќ-Слаткаристика, еден од најпопуларните македонски хоп-хоп музичари, туку преку неговата лична приказна ја отвора темата за говорните и комуникациските потешкотии кај децата и младите, појасни денеска Министеството за култура, по  критиките од јавни личности блиски до власта откако проектот доби поддршка со 1,5 милиони денари (24.000 евра) на Конкурсот на Агенцијата за филм за 2026 во прв рок. Слаткаристика, кој како дете пелтечел, отворено говори за проблемите кои ги имал поради тоа и како се справил.

    „Станува збор за документарен проект со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија. Филмот ја истражува улогата на музиката и уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици, испраќајќи порака за прифаќање, еднакви можности и општествена инклузија. Особено значајно е што проектот обработува тема која директно засега голем број семејства во нашето општество. Преку автентична приказна и препознатлив јавен лик, филмот има потенцијал да придонесе кон подигнување на свеста за говорните и комуникациските потешкотии и да поттикне поширока јавна дебата за поддршката што им е потребна на овие деца и нивните семејства“, вели Министерството и додава:

    „Важно е да се нагласи дека проектот веќе има обезбедено значителен дел од финансиската конструкција преку спонзорства и партнерства, како и поддршка од програмата Креативна Европа МЕДИА, Министерството за здравство и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација. Средствата одобрени преку конкурсот на Агенцијата за филм претставуваат мал дел од вкупниот буџет и изнесуваат само 1,6 проценти од средствата распределени за поддржаните филмски проекти во овој конкурсeн рок. Поддршката на „Слушни ме“ треба да се гледа пред сè како поддршка на една значајна општествена тема и на филм кој има потенцијал да придонесе кон поголема свест, разбирање и поддршка за лицата со говорни и комуникациски потешкотии“.

    Во објава на својот фејсбук-профил, Слаткаристика денеска кажа дека низ животот често се соочувал со предрасуди и потценувања поради проблемот со говорот, но токму музиката му помогнала да пронајде начин да се изрази.

    „Како дете, долго време мислев дека моите зборови не вредат доволно. Затоа почнав да пишувам стихови уште од моментот кога научив да држам молив во рака. Малку подоцна спасот го пронајдов во ритамот и почнав да правам песни. Денес музиката е мојата кариера и животна мисија. Јас мојата пречка ја надминав кога почнав да комуницирам преку музика. А денес сум среќен што утреден некој мал Марко ќе знае дека неговиот глас може да биде чуен и моќен“, вели Слаткаристика.

    На Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес за 2026 на Министерството за култура, концертот на Слаткаристка со пријателите во Охрид по повод 20 години кариера беше поддржан сосо 200 илјади денари (3.300 евра). Концертт ќе се одржи на Илинден на стадионот „Билјанини извори“.

    Продуцент на документарецот, „ОХО продукција“, е компанија која во континуитет работи на развој и реализација на аудиовизуелни проекти од национален интерес, вели Министерството.

    „Во моментов, продукцијата е ангажирана и на реализација на ТВ серија и документарен филм посветени на животот и творештвото на Тоше Проески, што претставува уште една потврда за нејзиниот професионален капацитет и посветеност кон проекти со значајна културна и општествена вредност“, појасни Министерството.

    „Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски доби 30 милиони денари (485.000 евра) од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти во прв рок за 2026. Ова е музички филм на авторот Унковски, кој дебитираше со наградуваниот „Диџеј Ахмед“, и е во продукција на „Синема Футура“ и копродукција со Бугарија, Чешка и Хрватска. Поддршка добија и „Никој не го сака Садик“ на Ибрахим Деари со 19 милиони денари (307.000 евра) и „Татко“ на Јани Бојаџи со 15 милиони денари (242.000 евра). Деари е автор на „Сите го викаат Реџо“, еден од најгледаните филмови од албански автор во изминатата година, а новиот филм е во продукција на „Лумиере филм“.

    На првиот Конкурс Агенцијата распредели вкупно 93 милиони денари (околу 1,45 милиони евра). Покрај овие 3 долгометражни играни филмови, поддржани се и два долгометражни документарци, „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, корежисерот на „Медена земја“ со историски две номинации за Оскар, со 8 милиони денари (130.000 евра) и „Слушни ме!“ на Рaдован Петровиќ.

    Можеби ќе ве интересира и подкастот За секого по нешто:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира