ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ ДОБИ 485.000 ЕВРА ЗА „КРАЛОТ НА ЃУБРЕТО“ НА КОНКУРСОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ПОДДРЖАНИ И ФИЛМОВИТЕ НА ДЕХАРИ, БОЈАЏИ, СТЕФАНОВ И ПЕТРОВИЌ

    ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ ДОБИ 485.000 ЕВРА ЗА „КРАЛОТ НА ЃУБРЕТО“ НА КОНКУРСОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ПОДДРЖАНИ И ФИЛМОВИТЕ НА ДЕХАРИ, БОЈАЏИ, СТЕФАНОВ И ПЕТРОВИЌУнковски со дебито „Диџеј Ахмед“ имаше светска премиера на фестивалот Санденс во САД и совои две награди (Фото: Санденс)

    „Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски доби 30 милиони денари (485.000 евра) од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти во прв рок за 2026. Ова е музички филм на авторот Унковски, кој дебитираше со наградуваниот „Диџеј Ахмед“, и е во продукција на „Синема Футура“ и копродукција со Бугарија, Чешка и Хрватска. Поддршка добија и „Никој не го сака Садик“ на Ибрахим Деари со 19 милиони денари (307.000 евра) и „Татко“ на Јани Бојаџи со 15 милиони денари (242.000 евра). Деари е автор на „Сите го викаат Реџо“, еден од најгледаните филмови од албански автор во изминатата година, а новиот филм е во продукција на „Лумиере филм“.

    На првиот Конкурс Агенцијата распредели вкупно 93 милиони денари (околу 1,45 милиони евра). Покрај овие 3 долгометражни играни филмови, поддржани се и два долгометражни документарци, „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, корежисерот на „Медена земја“ со историски две номинации за Оскар, со 8 милиони денари (130.000 евра) и „Слушни ме!“ на Рaдован Петровиќ, биографски музички документарец за Марко Маринковиќ-Слаткаристика, со 1,5 милиони денари (24.000 евра), кој ја отвора темата за лицата со говорни и комуникациски потешкотии и нивното место во општеството.

    Со вкупно 310.000 евра поддржани се и 4 долгометражни играни филмови и 5 долгометражни документарци во кои Македонија е малцински копродуцент во копродукции со Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Чешка, Романија и Велика Британија. Меѓу нив е и „Виењето на волците“, новиот документарец на Тамара Котевска, корежисерката на „Медена емја“ и авторка на „Приказната за Силјан“, кој доби 45.000 евра и епродукција на „Сикониа филм“.

    „Оваа година за прв пат беше воведен модел на презентација (пичинг) на долгометражните филмски проекти, при што апликантите имаа можност директно да ги претстават своите проекти пред стручната комисија, со цел поголема транспарентност и унапредување на процесот на селекција“, велат од Агенцијата за филм.

    Поддршка добија и „Плејтопија“ на Барбара Јихова Тајсон, меѓунарден документарен проект во кој осум деца, во студио налик на реално шоу, создаваат сопствен свет од почеток, копродукција меѓу „Минимал Колектив“ (Македонија), „Синепоинт“ (Чешка) и „СЦ де филм продакшн“ (Романија), како и „Крај на гравитацијата“ на Игор Зупе, документарна копродукција со Словенија што ја следи визијата на словенечкиот театарски режисер Драган Живадинов и уметницата Дуња Зупанчиќ, кои од 1995 се подготвуваат да го изнесат театарското творештво на Живадинов надвор од планетата и да го преселат во вселената.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира