Центар за третман на дебелина кај децата е отворен на Клиниката за детски болести, соопшти Министерството за здравство. Потребата од ваков специјализиран центар, како што вели Министерството, е резултат на податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Клиниката за детски болести, според кои над 30 отсто од децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија се со зголемена телесна тежина, а речиси 14% од нив се соочуваат со екстремна дебелина.
„Детската дебелина не е само естетски или нутриционистички проблем, туку комплексна состојба која бара ран и мултидисциплинарен пристап. Затоа овој центар овозможува тим од педијатри-ендокринолози, нутриционисти, психолози и физијатри заеднички да работат со децата и со нивните семејства. Како и кај останатите центри за менаџирање со дебелина во државата, пристапот до услугите се одвива преку системот ‘Мој термин’. Матичниот лекар или матичниот педијатар прво ја евидентира состојбата и доколку има потреба од специјалистички третман, издава упат директно за Одделот за ендокринологија со молекуларно-генетска дијагностика, во чиј состав е и Центарот на Детската клиника. Таму се спроведуваат детални молекуларно-генетски, хормонални и метаболички испитувања за да се утврди точната причина за обезноста и да се одреди индивидуален план за лекување“, вели министерот Азир Алиу.
- ЌЕ СЕ ОТВОРИ ЦЕНТАР ЗА ДЕБЕЛИНА НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ПАЦИЕНТИТЕ ОДАТ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ И ГУБАТ ДРАГОЦЕНО ВРЕМЕ, ВЕЛИ Д-Р ХАСАН ОД „8 СЕПТЕМВРИ“
- 30 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ОД 6-9 ГОДИНИ ИМААТ ЗГОЛЕМЕНА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА, 28,4 ОТСТО ОД ВОЗРАСНИТЕ СЕ ДЕБЕЛИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
Од Министерството додаваат дека навремениот третман на дебелината кај децата спречува појава на сериозни здравствени проблеми во тинејџерските години и во подоцнежна возраст, како што се дијабетес тип 2, кој сè почесто се јавува кај децата, кардиоваскуларни нарушувања и висок крвен притисок, ортопедски проблеми, односно деформации на зглобовите и колената, како и психолошки проблеми, социјална изолација и стигматизација.



