КОГА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ЈА ЗАГУБАТ ДОВЕРБАТА, ПОЛЕСНО ПРИФАЌААТ АВТОРИТАРНИ ВЛАДЕЕЊА, КАЖА ПОРТУГАЛСКИОТ ОБВИНИТЕЛ ДЕ КАРВАЈО НА ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ДРЖАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

    КОГА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ЈА ЗАГУБАТ ДОВЕРБАТА, ПОЛЕСНО ПРИФАЌААТ АВТОРИТАРНИ ВЛАДЕЕЊА, КАЖА ПОРТУГАЛСКИОТ ОБВИНИТЕЛ ДЕ КАРВАЈО НА ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ДРЖАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВОСиромашно јавно обвинителство не може да му се спротивстави на богатиот криминалитет, кажа Државниот обвинител Ненад Савески. (Фото: СДК.МК)

    Во ситуација кога има одлив на обвинители и на обвинителска служба, оспорен закон пред Уставниот суд кој може дополнително да им ги намали платите на обвинителите кои се меѓу најниските во регионот, Државниот обвинител Ненад Савески денеска повторно упати апел до Владата и до Собранието дека сиромашно обвинителство пред богатиот криминал постои бадијала.

    „Сиромашно јавно обвинителство не може да му се спротивстави на богатиот криминалитет.  Без финансиска поддршка ние го даваме својот максимум да се избориме, меѓутоа резултатите не можат да бидат како што очекуваат граѓаните ако за тоа нема сериозна финансиска поддршка. Таа порака и во оваа пригода ја упатувам до извршната и законодавната власт што мора навистина да покаже волја да овозможи функционирање на Обвинителството во реална смисла, но вклучително и кога станува збор за оваа комуникациска стратегија која предвидува активности коишто бараат исто така финансиска поддршка“, кажа денеска Савески на конференцијата на која беше промовирана стратегијата за јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство во јавноста која е финансирана со европски пари.

    На конференцијата се зборуваше за комуникацијата на Обвинителството со јавноста, за транспарентноста што Савески од самиот почеток ја истакнува како приоритет, за што најави и менување на упатството за односи на јавност на обвинителите што ќе имаат обврска да ја информираат јавноста за предметите што ги работат и најави проактивна комуникација.

    „Јавното обвинителство нема да чека да се постават прашања, однапред ќе се појаснува неговото постапување. За таа цел ќе направам измена на веќе постојното упатство за односи со јавноста, на сите обвинители ќе биде нивна обврска да ја информираат јавноста онолку колку што дозволува Законот. Ова се мали чекори, транспарентноста некогаш нè прави подложни и на оценки и на критики од јавноста, но тоа е нашата стратегија“, кажа Савески, кој го промовираше и новото лого на Јавното обвинителство.

    Заменик-генералниот обвинител на Португалија Пауло Жорже Виеира Моргадо де Карвајо, како гостин на конференцијата, на обвинителите кажа дека молчењето на Обвинителството денес не се разбира како заштита на истрагите.

    „Дезинформации може да го пополнат молкот на институциите. Затоа треба да се комуницира законито и транспарентно. Тоа не значи популарност. Не значи дека секој чекор треба да се објаснува. Правосудните системи се под силен притисок. Кога граѓаните ќе ја загубат довербата, полесно прифаќаат авторитативни владеења“, рече де Карвајо.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира