УНГАРИЈА И УКРАИНА ПОСТИГНАА ДОГОВОР ЗА УНГАРСКОТО МАЛЦИНСТВО, КИЕВ ПРЕД ОТВОРАЊЕ ПРИСТАПНИ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

    УНГАРИЈА И УКРАИНА ПОСТИГНАА ДОГОВОР ЗА УНГАРСКОТО МАЛЦИНСТВО, КИЕВ ПРЕД ОТВОРАЊЕ ПРИСТАПНИ ПРЕГОВОРИ СО ЕУЗа три недели успеавме да го постигнеме она што Виктор Орбан не можеше да го направи за 10 години, рече Маѓар (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Петер Маѓар објави дека Унгарија постигнала договор со Украина што ќе ѝ го отвори патот кон почнување преговори за членство во Европска Унија. Маѓар кажа дека со договорот ќе се прошират јазичните, образовните, културните и политичките права на околу 100.000 етнички Унгарци во Закарпатската Област во западна Украина.

    Правата на унгарското малцинство во Украина долго време беа повод за тензии помеѓу двете земји, уште откако Киев усвои закон со кој се зајакнува улогата на украинскиот јазик како главен јазик во училиштата.

    „За три недели успеавме да го постигнеме она што Виктор Орбан не можеше да го направи за 10 години“, рече Маѓар.

    Владата на Орбан жестоко се спротивстави на пристапувањето на Украина во ЕУ, наводно поради непочитувањето на правата на унгарското малцинство во Украина. Маѓар рече дека Киев се согласил да ги вклучи договорените мерки во украинското законодавство во блиска иднина.

    „Доколку ова се случи, Унгарија ќе го поддржи отворањето на првиот кластер од преговорите за пристапување на Украина во ЕУ“, кажа Маѓар.

    Овој напредок доаѓа во време кога владите на ЕУ официјално ги унапредија кандидатурите за членство на Украина и Молдавија. Според украинската премиерка Јулија Свириденко, сите членки на Европската Унија се согласија да започнат разговори со Украина и Молдавија за првиот кластер од нивните пристапни преговори.

    „Фантастични вести. Ние сме еден чекор поблиску до членството во ЕУ, постојано се движиме кон нашата цел“, рече Свириденко.

    Кипар, кој во моментов претседава со ЕУ, објави дека почнува со подготовки за формално отворање на првата група преговарачки поглавја, кои опфаќаат владеење на правото и демократски стандарди.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира