Дваесет години живееме во постојан стрес, нарушен мир и целосна институционална игнорантност поради работењето на кафе-барот „Интермецо“, велат жителите на скопската населба Капиштец. Тие велат дека кафулето е извор на бучава, хаос и небезбедност во оваа резиденцијална населба.
„Неколку дена во неделата, особено во вечерните часови, музиката од локалот ги надминува сите нормални и законски дозволени граници. Така беше и синоќа. Наместо мир и достоинствен живот, граѓаните се принудени да живеат како заложници во сопствените домови, без можност за одмор, сон или нормално секојдневие. Овој проблем не е само прашање на прегласна музика. Со години наназад, жителите се соочуваат и со целосен колапс на паркирањето во околината, уништување на јавен и приватен имот, вандализам, тепачки и нарушување на јавниот ред и мир, агресивно и недолично однесување на посетители и со чести полициски интервенции“, велат од граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“ во писмо до медиумите, испраќајќи и видео снимено од нивните домови, во кое се слуша како ечи музика од локалот.
- ПАЗАРНА ИНСПЕКЦИЈА ПАК ГО ЗАТВОРИ СКОПСКОТО КАФУЛЕ „ИНТЕРМЕЦО“ ЗА ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ, ЗА ПУШЕЊЕ КАЗНЕТИ 58 ОБЈЕКТИ
- СКОПСКОТО КАФУЛЕ „ИНТЕРМЕЦО” ЗАГРАДИ ДЕЛ ОД ГРАДСКИОТ ПАРКИНГ ПРЕД ОБЈЕКТОТ ЗА ВЕЧЕРАШНАТА ЖУРКА СО ТУРСКИ ДИЏЕЈ
Жителите велат дека изминатите години безброј пати пријавувале прекумерна бучава и нарушување на јавниот ред и мир. Полициски екипи доаѓаат на самото место, се вршат мерења на звук, се поднесуваат пријави и се водат постапки.
„Во одредени случаи, надлежните институции утврдуваа прекршувања и изрекуваа санкции. Но, наместо трајно решение, следуваат жалбени постапки, по што ‘Интермецо‘ продолжува да работи по старо, а ние повторно остануваме сами со проблемот“, велат од иницијативата „За пристоен Капиштец“.
Тие додаваат дека станува збор за пример на системска нефункционалност, неказнивост и институционална заштита на моќни интереси на штета на јавниот интерес и здравјето на граѓаните.
„Случајот со ‘Интермецо‘ е алармантен пример за тоа како долгогодишното непостапување и толерирање на прекршувања може да создаде опасна пракса, во која законите важат селективно. Јавноста веќе виде до какви последици може да доведе институционалното затворање очи пред неправилности, како во случајот со дискотеката ‘Пулс‘ во Кочани. И покрај бројните реакции, претставки и повици до институциите во изминатите години, конкретно и трајно решение сè уште нема. Недозволиво е интересот на еден угостителски објект да биде ставен над основните човекови права на стотици жители“, додаваат жителите.
Граѓаните на Капиштец бараат итни засилени инспекциски контроли, мерење и санкционирање на прекумерната бучава, почитување на законите за јавен ред и мир, зголемено полициско присуство и најважно, системско решение што конечно ќе стави крај на долгогодишниот проблем.
А. АНТЕВСКА



