Во судскиот процес против 35-темина обвинети за катастрофалниот пожар во незаконската дискотека „Пулс”, денеска обвинителите на два големи монитора ги прелистуваа материјалните докази, документите, кои докажуваа дека високоризичните објекти за пожар, како што била „Пулс”, но и други објекти во Кочани, воопшто не ѝ биле во плановите за надзор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Во пожарот во дивата дискотека на 16 март 2025 загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени, борејќи се за излез од камуфлиран производствен погон со само една врата за над 600 гости.
Во првиот дел од приказзот, одвреме-навреме ќе се чуеше гласот од обвинетиот директор на ДЗС Шабан Салиу, кој за секој прикажан документ со негов потпис велеше: „Судија ова не е мој потпис. Судија и ова не е мој потпис, Исто и овој, не, не“, за сите документи.
„Сакате да кажете дека некој ви го фалсификувал потписот, а вие не сте виделе? Сте немале заменик да ви каже?”, го прекина судијката Диана Груевска-Илиевска.
„Ќе објасниме подоцна судија”, кажа неговиот адвокат, а Салиу продолжи да вика: „Не, не..”.
„Доказите се за 2016 година и се планови за надзор на објекти ризични за пожар, на подрачјето на целата држава. Во нив се утврдени критериуми за проценка за ризик од пожар и други безбедносни ризици. За општина Кочани не е ниту предвиден, ниту е спроведен надзор. Не е назначен ни инспектор како би извршил редовен или вонреден надзор”, кажа обвинителката.
Пред да ги прикаже бројните документи за 2015, обвинителката кажа дека таа година имало само еден надзор во Кочани, и тоа во неризичен (продажен) објект, а ризичните не биле поминати за да се види кај нив степенот од загрозеност од пожар.
Потоа се врати уште поназад, па прикажа докази-документи од 2014, 2013 и 2012, од кои се виде дека ДЗС не воспоставила јасни критериуми за проценка за загрозеност на објекти од друг вид незгоди.
„Се направил план од ДЗС за контрола на хотели, ресторани и мотели и повторно се изоставени кабаеа клубови и дискотеки”, кажа обвинителката.
Покрај Шабан Салиу, од обвинети се уште тројца ексдиректори на ДЗС, Аднан Џафероски, Беким Максути и Џевад Селами, кој беше на функција кога се случи несреќата во „Пулс“.
С. К. ДЕЛЕВСКА



