Во тек е постапката за вработување на инспекторите за македонски јазик, во моментов се разгледуваат документите, после тоа треба кандидатите да полагаат за административни службеници во Агенцијата за администрација, па на крај ќе биде селекцијата, рече денеска директорката на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, Менче Андреева.
Инспекторатот лани во јули почна со работа како орган во состав на Министерството за култура и туризам, по донесување на соодветни измени и дополнувања на Правилникот за систематизација на работните места одобрени од Министерството за јавна администрација.
Министерството за финансии одобри вработувања на пет инспектори по македонски јазик.
„Постапката за вработување започна на петмина инспектори, од помлад инспектор до советник инспектор. Значи постапката е во тек, сега во моментот се прави селекција на пристигнатата документација и понатаму нели сè до крајната цел, односно до изборот на кандидатите коишто ќе бидат вработени како инспектори по македонски јазик. По вработувањето ќе започне постапката со обука. Значи тие ќе мора да посетуваат обука според закон, една година. По завршувањето на обуката, значи ќе можат да полагаат за инспектор, односно да се здобијат, да се здобијат со лиценца инспектор по македонски јазик. На претходните состаноци со Колегиумот на директори веќе разговаравме со претседателот на Колегиумот и со останатите директори на инспекторатите за самата постапка на обуката. Она што го договоривме е дека има можност кај одредени инспекторати, овие инспектори да бидат преземени во однос на обуката, односно да следат обука во други инспекторати, затоа што ние немаме вработени. Следува само еден меморандум, односно да се стави сè, целиот тој договор на хартија кога ќе се вработат инспекторите и на тој начин веќе сè е договорено“, кажа Андреева на денешната прес-конференција со министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Андреева кажа дека на почетокот барала 12 инспектори, меѓутоа смета оти и со овие петмина ќе ја почнат постапката, но дека ќе работат на екипирање на Инспекторатот и на зголемување на бројката на вработени.
„Не се откажуваме, упорни сме и ќе стигнеме до, веруваме дека ќе стигнеме до целта да екипираме еден инспекторат кој ќе биде функционален и ќе може да ја извршува својата работа“, додаде таа.
Инспекторатот испратил информација до Влада со која ја замолиле Владата да ги задолжи институциите да достават информација до инспекторатот за да можеме да ја увидиме ситуацијата на терен. Дел од институциите, околу педесетина, веќе доставија информација до нас: дали имаат вработено лектори, дали ги лекторираат своите документи, дали користат услуги од надворешни лектори и дали имаат предвидено во систематизацијата за вработување работно место лектор.
„Поголемиот дел од институциите доставија известување дека немаат вработено лектор, меѓутоа охрабрувачки е тоа што поголемиот дел од нив веќе прават измена на своите систематизации и поголемиот дел од нив имаат веќе во увид дека треба да постапуваат според закон, дека треба да го почитуваат законот со употребата на македонскиот јазик и дека имаат намера во иднина да вработат лектори. Значи сето она што ние го говоревме во изминатава година има резултат, односно нашата цел беше да ја подигнеме свеста за правилната употреба на македонскиот стандарден јазик и да ја подигнеме свеста кај надлежните во институциите дека треба да има вработено лектори онаму каде што е задолжително според закон. А тоа се институциите од законодавната, од извршната власт, од судската власт, од јавните установи, во медиумите исто така и во, во правните лица, и кај правните лица“, кажа Андреева.
- ВЛАДАТА ЈА НАЗНАЧИ МЕНЧЕ АНДРЕЕВА ЗА ДИРЕКТОРКА НА ПРВИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА УПОТРЕБА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
- ЦЕЛА ГОДИНА НЕ СЕ ПРИМЕНУВА НОВИОТ ЗАКОН ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ОТИ НЕ Е ФОРМИРАН ИНСПЕКТОРАТ
- СОБРАНИЕТО ГО ИЗГЛАСА НОВИОТ ЗАКОН ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, ЕДНА ГОДИНА ПОСЛЕ ПРВАТА ЈАВНА РАСПРАВА
Б. НЕСТОРОСКА



