Во основното училиште „Коста Рацин“ во Општина Брвеница денеска е означен почетокот на втората фаза на проектот „Училишта на 21 век“, што го спроведуваат Министерството за дигитална трансформација, во партнерство со Британскиот совет и Македонски Телеком. Проектот има за цел унапредување на квалитетот на образованието преку развој на вештини за критичко размислување, решавање проблеми и основи на кодирање кај учениците, со што тие ќе се подготват за предизвиците на современиот пазар на труд.
Втората фаза од проектот е предвидено да трае две години, а вложени се 350.000 евра.
„Проектот ќе посети повеќе од 100 училишта. Ќе работи со 1.000 наставници коишто ќе бидат подготвени да работат со уреди, микро битови и како тие уреди да ги применат во пракса за да развијат кај учениците основи на програмирање, критичко размислување и да се постави идеја за сајбер безбедност и вештачка интелигенција. Целта е да се работати на реални проекти од денешницата, да се решаваат проблеми, да се надминуваат проблемите во наставата, а на тој начин да градиме подобри ученици, поквалитетни луѓе коишто лесно ќе се приклучат на пазарот на труд“, кажа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој го посети основното училиште „Коста Рацин“ заедно со британскиот амбасадор Метју Лосон, регионалната директорка на Британскиот Совет за Западен Балкан Клер Сирс и градоначалникот на Општина Брвеница Јовица Илиевски.
Првата фаза од проектот траеше од 2018 до 2022 година и биле вклучени околу 2.000 наставници, 320 училишни раководители и 85.000 ученици. Дистрибуирани се 10.000 микробитови во училиштата низ целата земја.
„Проектот им помогна на училиштата да бидат иновативни преку спроведување на обуки за стекнување на нови вештини на наставниците и ги поттикна учениците да развиваат вештини како критичкото размислување преку микробит технологијата. Програмата покажа дека иновациите во образованието можат да се зголемат и да бидат одржливи. Обединетото Кралство го продолжува своето партнерство заедно со Министерството за дигитална трансформација и Македонски Телеком и во втора фаза од програмата“, рече амбасадорот Лосон.
Од Телеком кажаа дека освен како партнери во проектот, одлучиле дополнително да обезбедат опремување на пет училници низ државата, од кои едната е во Брвеница.
З. АНДОНОВ



