СЕДУМ ПОКОЛЕНИЈА НА ФАМИЛИЈАТА СРНДАЦИ ОД ЦЕЛ СВЕТ СЕ СОБРАА НА 22. СРЕДБА ВО КНЕЖЕВО

    СЕДУМ ПОКОЛЕНИЈА НА ФАМИЛИЈАТА СРНДАЦИ ОД ЦЕЛ СВЕТ СЕ СОБРАА НА 22. СРЕДБА ВО КНЕЖЕВОТие се потомци на фамилијата со прекар Срндаци, околу 1.000 души низ цел свет, а потекнуваат од Мите Николов-Срндак, кој живеел во селото Кнежево во првите години од 20. век. (Фото: СДК.МК)

    Секоја прва сабота по завршувањето на учебната година фамилијата со прекар Срндаци, распрсната низ целиот свет, а најмногу во Македонија, се собира во селото на нивните предци – Кнежево. Тие се потомци на фамилијата со прекар Срндаци (срндак е мажјак од срна), кои се над 1.000 души, а потекнуваат од Мите Николов-Срндак, кој живеел во селото Кнежево во првите години од 20. век и имал 12 деца. Срндаците и овој викенд повторно се собраа во родното Кнежево, распослано во прекрасниот предел над истоимената брана, изградена во 2010 година со преградување на Злетовска Река.

    Некои од Срндаците ги реновираа старите куќи на своите родители и прадедовци, а дел од помладите на своите имоти изградија викендички од каде се пружа идеална панорама кон браната Кнежево.

    На средбата секој носи по нешто за јадење и пиење и го става на заедничката софра. Заеднички го подготвуваат ручекот, најчесто грне со грав и јанија со компири што ги одгледуваат на своите планински ниви. Оваа година се одлучија за грав со сланина и колбаси. Иако гравот сè уште не беше готов, долгата маса беше богато сервирана и збогатена со салати и едно печено прасе. Го приготвил Гоце Николов од Лисиче, Скопје, за да чести по повод свршувачката на синот Петар. Сите пробаа од прасето, но во очите на присутните се гледаше дека го чекаат гравот, па постојано погледнуваа кон Срндакот кувар Јоцо од селото Соколарци, и Стево Николов, домаќин на средбата и сопственик на куќата на прадедото Мите. Во меѓувреме се разви и оро, па Срндаците покажаа дека се и добри играорци.

    На муабетите и сеќавањата им нема крај, па затоа средбата трае во текот на целиот викенд. Традиционално се избира и кум за наредната година. Паричката се падна кај Миланчо Николов од Штип, главен поттикнувач и организатор на собирите на срндачките поколенија, кои веќе стигнаа до шестото колено. Најмногу Срндаци има во Скопје, Велес, Кратово и Штип. Оваа година Срндаците кои живеат во странство најавиле дека објективно се спречени да присуствуваат.

    Највозрасен на средбата беше Пано Николов (85), правнук на дедо Мите, во чиј двор од планинската куќа под Црн Врв е подигнат летниковец. Годинава за првпат дојде Снежана Палчевска, родена во селото Дорфулија, а денес жителка на Скопје и правнука на дедо Мите. Таа и нејзиниот сопруг Спасе се воодушевени од средбата на која по 40 години повторно се гледаат со своите братучеди, а некои од нив и првпат ги запознаваат.

    На средбата секој носи по нешто за јадење и пиење и го става на заедничката софра, а заеднички го готват ручекот, најчесто грне со грав и јанија со компири што ги одгледуваат на своите планински ниви. (Фото: СДК.МК)

    „Зборното место беше кај браната Кнежево. На едниот крај од насипот има простор за паркирање на автомобилите. Оттаму една група Срндаци тргна пеш по козјиот пат и патот на срните кон врвот на планината, каде на два километри по угорницата, во една прекрасна ливада со илјадници шумски тревки, се наоѓа селото Кнежево. Заедно со нас беа уште три жени, од кои највозрасни беа Савче Јовановска (69) од Штип и Снежана Николова (64), родена во Неготино, но и таа живее во Штип и веќе е дел од фамилијата Срндаци. Тие и покрај нивните години меѓу првите ја минаа тешката и стрмна патека. Јас имам проблеми со колената, но полека-полека го поминавме шумскиот пат по кој, со чести мали паузи, патувавме речиси два часа“, вели Палчевска.

    За Срндаците кои имаат уште поголеми проблеми со движењето беа обезбедени три џипа, меѓу нив и џипот „лада“ на Тодор Николов, правнук на дедо Мите, кој како бизнисмен работи и живее во Скопје.

    „Од завчерашните дождови, шумскиот пат покрај браната, а потоа нагоре кон врвот на планината што води до селото Кнежево, во должина од 5,5 километри, е доста лош, со големи дупки полни со вода и лизгав терен. Само вакви теренски возила со добри диференцијали можат да се искачат до горе. Прилично е напорно затоа што одиме и се враќаме по неколку пати за да ги пренесеме оние што не можат да пешачат низ планината. Потребно е општините Кратово и Пробиштип да ангажираат булдожери и барем малку да го порамнат патот“, вели Тодор, кој ќе го продолжи викендот затоа што ја реновира куќата во селото Кајганци, од каде се пружа убава панорама на целата брана Кнежево.

    Неговиот син Дамјан Николов ја напишал, компонирал и музички ја обликувал химната за Срндаците, која во негова интерпретација беше промовирана на почетокот на собирот. Неговиот братучед Тони Николов, кој живее во Кочани и изградил нова вила во Кнежево, исто така направил верзија на химната. Бидејќи е информатичар, интерпретацијата била изработена со позајмен глас и компјутерски обработена. Додека се промовираа химните, сите Срндаци стоеја исправени како да се работи за државната химна.

    Миланчо Николов, како автор, пред присутните ја најави книгата за Срндаците, која е во почетна фаза на пишување, и изрази надеж дека ќе биде целосно готова и промовирана на наредниот собир во јуни 2027 година. Книгата, покрај географските карактеристики на Кнежево и Кнежевскиот крај, ќе ги содржи имињата на сите Срндаци, почнувајќи од прадедовците, па сè до најмладите припадници на шестото поколение. Пишаниот збор ќе остане вечен и за нив и за нивните наследници.

    Во книгата најмногу ќе се зборува за главата на фамилијата, Мите Николов, кој и на собирот најчесто се спомнуваше преку анегдоти и случувања од животот на Срндаците. За Мите Николов одамна се раскажувало дека бил корпулентен и силен како бик, но и кроток како срна, чиј јазик добро го познавал. Срните, кои тогаш ги имало во голем број, не се плашеле од него и не бегале. Напротив, постојано биле во негово друштво. Токму по овој прадедо фамилијата го добила прекарот Срндаци.

    Неговата фамилија броела 12 деца – осум синови и четири ќерки. Сите тие, исто така, имале многудетни семејства со по пет до осум деца. И прадедовците, и дедовците, и нивните синови и внуци биле високи и силни луѓе. Таков е и Миланчо Николов од Штип, кој со радост се присетува на анегдотата што му ја раскажувал неговиот дедо Борис.

    „Еднаш на празникот Илинден прадедо ми Мите седел на чардакот од куќата. Со него биле синовите Китан, Борис и Тодор. Останатите синови биле во Кратово да бараат невести за себе. Мите им рекол дека оној што ќе успее да го качи магарето на чардакот, на грб или на рамо, ќе биде награден. Пробале сите, но единствено успеал дедо ми Борис, кој го качил магарето тешко над 150 килограми. Борис, кој штотуку бил оженет, како награда добил три литри ракија – чиста сливовица што редовно ја вареле од сливите во дворот и околината“, вели Николов.

    Со оглед на големата многудетност, присутна и кај поновите генерации, иако не во таа мера, фамилијата Срндаци денес е распространета низ целиот свет. Некогаш во просек имале по шест деца, што придонело денес, со петтото и шестото поколение, да бројат повеќе од 1.200 души.

    Викендот завршува, а со оглед на новата работна недела и облаците што почнаа да се појавуваат над браната и Кнежевскиот крај, дел од Срндаците кон крајот на денот почнаа да се подготвуваат за заминување. Едни заминаа со џипови, а другите, помладите, пеш по шумскиот пат по кој и дојдоа. Дел од Срндаците останаа уште еден ден, а оние што живеат таму веднаш се фатија за работа во бавчите. Си ветија дека догодина, првата сабота по завршувањето на учебната година, повторно ќе се видат и дека собирот ќе биде уште помасовен, со нови млади срндачиња.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира