Треба да се оди почесто на пошумување, вели Кирил Сотировски, професор на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Постои таканаречено одржување на шуми или менаџмент. Мора да се инвестира во шумите. Значи, не е само насади и толку. Најчесто се насадува погусто отколку што треба да биде бидејќи се очекува дека ќе има загуба. Во некои случаи треба да се обноват пошумувањата на површини за коишто се покажало после година, две, три или пет дека биле неуспешни, поради суша и слично. Не можеме да очекуваме дека можеме во планина да ги наводнуваме растенијата. Македонија, верувале или не, во 1960-тите и 1970-тите години беше меѓу европските рекордери за систематско пошумување. И по површини освоени, и по процент, и по апсолутни површини, во некои случаи сме биле лидери. Шумите што ги гледаме низ Македонија се од тие времиња“, вели Сотировски.
За акцијата „Ден на дрвото“, која ја спроведуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со премерот Никола Груевски, Сотировски вели дека била благородна, но несоодветно спроведена.
„Не може во еден ден да насадите милион садници, да се постави некој светски рекорд, а да биде тоа квалитетно, тоа не е можно. Нема потреба од тоа жени во штикли да одат да садат за да ние знаеме дека е потребна шумата. Значи, идејата беше благородна, а активноста не беше. Можеше да се направи, на пример, година на шумата и тоа да се направи со стручни луѓе. Во „Ден на дрвото“ имавме ситуации кога коренот беше нагоре, а зеленилото надоле. Се испогани вредноста на стручните луѓе коишто стојат зад тоа, коишто и без тоа пошумуваат“, вели Сотировски.
Сотировски вели дека Национални шуми се должни да вршат пошумувања, но тој тренд е во сериозен пад последниве неколку години. За состојбата во Национални шуми вели дека се намалува бројот на вработени особено на стручен кадар како шумарски инженери.
„Постојано се бара вработување, но од Министерството за финансии не се одобрува, па имаме поразителни случување каде инженери се вработуваат привремено како секачи, и им се претставува барем си вработен со плата на секач. Ова се одразува на факултетот, каде се намалува бројот на студенти“, додава Сотировски.
Сотировски вели дека во земјава на голем проблем е нелегалната сеча, и според одредени анализи се проценува дека околу 1,2 милиони кубни метри годишно има дива сеча.
А. АНТЕВСКА



