Градежниот факултет во Скопје ќе ја испитува состојбата на мостот „Обединети Нации“. Мостот е дел од трасата на автобускиот БРТ превоз за делницата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче.
Град Скопје, во рамките на активностите за воведување на БРТ превозот, го ангажирал Градежниот факултет да ја оцени состојбата во која се наоѓа мостот и до нив да се достават препораки. Професорот од Градежен факултет Горан Марковски за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека во наредниот период ќе се испитува овој мост, кој има потреба од поправка и санација поради дотраеност на некои од неговите елементи.
Според решението за БРТ превозот направено во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов, се предвидуваше овој мост да се урне и на негово место да се изгради нов со шест ленти односно по три ленти во двата правци. На постојната траса делот пред и после мостот има по три коловозни ленти во двата правци, а мостот е со по две ленти. Тоа значи ако не се направи нов мост во овој дел би имало една лента за автобусите на БРТ и само една лента за возила.
„Што ќе се прави со мостот ќе знаеме откако ќе завршат испитувањата на Градежен факултет. Исто така, во рамките на проектот за воведување на БРТ предвидено е ангажирање на странски консултанти со искуство за воведување системи на јавен превоз, кои ќе дадат проценка дали треба да се гради нов мост“, велат од Град Скопје.
- МОСТОВИТЕ ВО СКОПЈЕ НЕ СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА ЗА ДА ПАДНАТ КАКО ВО ЏЕНОВА, НО НЕ ЗНАЕМЕ ДАЛИ СЕ ПОД НАДЗОР, ВЕЛИ ПРОФЕСОР ГОРАН МАРКОВСКИ
- МОСТОТ ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ УРИВА, ЌЕ СЕ ПРАВИ НОВ СО ТРИ ЛЕНТИ ЗА БРЗИОТ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ
Од Градот додаваат дека веќе се врши проверка на состојбата на сите мостови во Скопје. Тоа го прави геодетска фирма со која градот има договор и веќе е извршено испитување на мостот „Гоце Делчев“ и „Беласица“. Откако ќе се добијат резултатите Градот ќе ги преземе потребни мерки.
„Исто така, после долги години Градот почна со реконструкција на надвозникот ‘Естакада‘ на влезот во Скопје кај Автокоманда. Ќе биде реконструиран коловозот и ќе се постави нова ограда и осветлување“, додаваат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА



