Доналд Трамп изјави дека му предложил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ѝ дозволи на Сирија да се справи со Хезболах.
„Му реков на Нетанјаху да биде поодговорен во Либан. Да бидам искрен, мислам дека Сирија подобро ќе ја заврши работата од Израел“, кажа Трамп на самитот на Г7 во францускиот град Евијан.
Истакнувајќи дека е незадоволен од егзодусот на лекари, адвокати и интелектуалци од Либан поради израелската офанзива, Трамп кажа дека новата сириска влада би можела да ја заврши работата без да убие толку многу цивили.
„Бев многу одговорен кон Сирија, а човекот кој сега ја води земјата е човек кој јас го поставив таму заедно со турскиот претседател Ердоган и некои други. Тој не е извидник, но заврши неверојатна работа. Тој е многу добар со Хезболах. Не ги сака“, рече Трамп.
Либан е моментално најспорната точка во постигнувањето договор помеѓу Иран и САД. Техеран инсистира договорот да опфаќа прекин на огнот на сите фронтови, додека Израел кажа дека не планира да ја повлече својата војска од окупираните области на Либан и дека го задржува правото на самоодбрана.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, кажа дека повлекувањето на Израел од јужен Либан е дел од меморандумот за разбирање постигнат со американската влада викендов.
„Крајот на војната во Либан е неразделен дел од целосниот крај на војната. Без повлекување на израелските сили од териториите што ги окупираа за време на оваа војна, војната не е целосно завршена“, изјави Арагчи.



