Американскиот претседател Доналд Трамп и италијанската премиерка Џорџа Мелони беа видени во пријателски разговори на самитот на Г7 во Франција по неколку недели јавни препирки. Трамп и Мелони, кои важеа за многу блиски, јавно се препукуваа откако војната со Иран предизвика економски шок низ цела Европа, а Италија беше една од најтешко погодените земји од зголемувањето на цените на енергијата.
„Повторно сте пријатели“, кажа претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, на што Мелони му одговори:
„Секогаш сме биле пријатели“.
Двајцата лидери претходно разговараа на маргините на Г7 за да ги расчистат работите. Трамп притоа ја обвинил Мелони дека Италија ги напуштила САД.
„Тоа не е точно, секогаш сме биле пријатели“, му рекла Мелони, за потоа да им изјави на новинарите дека „работите со Трамп одат добро“.
Мелони беше единствениот европски лидер поканет на инаугурацијата на Трамп лани, но односите помеѓу двете земји се влошија по почнувањето на војната против Иран. Во април, Трамп изјави дека е шокиран од нејзиното однесување и дека таа повеќе не е истата личност, откако Мелони претходно го критикуваше неговиот вербален напад врз папата Лав. Трамп изрази незадоволство од ставот на Мелони за војната, тврдејќи дека не ѝ е гајле доколку Иран има нуклеарно оружје, кое би можело да ја загрози и Италија.



