ЛАНИ 5.000 ДЕЦА БИЛЕ НА ЛИСТИ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ГРАДИНКА, ЛИМАНИ НАЈАВИ ВАУЧЕРИ ЗА ПРИВАТНИ ГРАДИНКИ

    ЛАНИ 5.000 ДЕЦА  БИЛЕ НА ЛИСТИ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ГРАДИНКА, ЛИМАНИ НАЈАВИ ВАУЧЕРИ ЗА ПРИВАТНИ ГРАДИНКИАнализата на УНИЦЕФ покажува дека сегашниот систем, којшто во голема мера се потпира врз јавни средства, не може доволно брзо да ја задоволи побарувачката. (Фото: СДК.МК)

    Во 2025 имало речиси 5.000 деца на листите на чекање во градинките. Повеќе од 79.000 деца на возраст од 0 до 6 години не се запишани во некој облик на градинка, а за да се постигне националната цел од 65 проценти запишани деца во градинка до 2032 година, потребни се околу 19.000 дополнителни места, се вели во анализата на УНИЦЕФ.

    На конференцијата „Ран почеток, трајни придобивки – градинка за секое дете!“, беа презентирани наоди и препораки од анализата за иновативни модели на финансирање на предучилишното воспитание и грижа, а говореа министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заменик-министерот Ѓоко Велковски, како и претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер.

    Според УНИЦЕФ, Македонија може да го забрза проширувањето на пристапот до градинка ако ги искомбинира јавните инвестиции со поддршка на приватните градинки и работодавачите, при што ќе обезбедат финансиски достапни и инклузивни услуги.

    САКАМДАКАЖАМ.МК лани објави дека Асоцијацијата на приватни градинки „Полет“ им предлага на државните надлежни институции да го субвенционираат престојот на деца во приватни градинки, бидејќи се долги листите за упис во државните, а од друга страна се и преполни. Целта на проектот е да овозможи пристап до градинка за 1.260 деца, преку субвенционирање на нивниот престој во 20 приватни градинки низ државата. Проектот предвидува годишен буџет од 3.780.000 евра.

    Опфатот по општини значително варира, од висок процент на запишани деца во одредени подрачја, до помалку од 10 проценти или никаков упис во други. Најранливите деца, како децата Роми, децата со попреченост и оние што живеат во сиромаштија, и понатаму имаат најмал пристап до ваквите услуги.

    „Во соработка со проектот на Светска банка за подобрување на социјалните услуги и со УНИЦЕФ, ќе предложиме модел за ваучери со кои децата од ранливи семејства и децата кои се на листи на чекање би можеле да добијат можност за запишување во приватни градинки. Овој пристап, доколку покаже добри резултати во практиката, може да стане трајна политика која ќе придонесе за побрзо зголемување на опфатот“, рече министерот Лимани.

    Милер рече дека зголемувањето на бројот на места во градинките е од суштинско значење, но ќе даде резултати само ако пристапот е рамноправен, инклузивен, финансиски достапен и со добар квалитет.

    „Ако не осмислиме систем што ќе ги опфати најранливите деца, постои ризик да ги продлабочиме токму тие нееднаквости што се обидуваме да ги намалиме. Целта не е само повеќе места во градинките, туку подобри можности за секое дете, во секоја заедница“, кажа Милер.

    Анализата покажува дека сегашниот систем, којшто во голема мера се потпира врз јавни средства, не може доволно брзо да ја задоволи побарувачката. Само 7 проценти од запишаните деца се запишани кај приватни градинки, а многу се ретки примерите кога работодавачите организираат вакви услуги за децата на вработените. Проширувањето на јавната инфраструктура би траело со децении и би барало инвестиции поголеми од 100 милиони евра, како и значително поголема работна сила.

    Поефикасен начин за зголемување на опфатот е проширувањето на јавната инфраструктура да се комбинира со воведување кофинансирање на приватните градинки и работодавачите. Во анализата се предлага до 2032 година да се отворат приближно 13.500 нови места во приватните градинки и 5.300 места во јавните градинки, со модел на кофинансирање кој ќе овозможи услугите да бидат достапни за сите семејства, вклучувајќи ги и најранливите.

    За да се обезбеди поголема правичност во пристапот до градинка, анализата предлага и конкретни мерки како што се ослободување од плаќање за најранливите семејства, варијабилен надоместок врз основа на приходот на родителите, поддршка за превоз и за запишување на најранливите, со што новите места ќе станат реална можност за сите деца, вклучително и за оние кои се во ризик од исклученост. Дополнителната помош за децата со попреченост би се состоела од практични мерки како подобрување на пристапноста на објектите и доделување наменски средства на општините за да им овозможат целосно учество на децата со попреченост во квалитетно предучилишно образование.

    „Побарувачката за места во градинките расте, а наша обврска е да одговориме со конкретни решенија. Затоа инвестираме во нови капацитети кои ќе овозможат згрижување на дополнителни 3.515 деца низ државата. Но, вистинскиот успех нема да се мери само со бројот на нови места, туку со тоа колку сме успеале да обезбедиме пристап за секое дете, особено за оние кои најдолго биле надвор од системот“, кажа Велковски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира