Насилството сè уште се користи како педагошка мерка во училиштата, а наставниците сè уште не го препознаваат детето како субјект со свои права. Ова е еден од заклучоците од работата на одделот за заштита на правата на децата и децата со попреченост при канцеларијата на Народниот правобранител, кои денес беа презентирани на конференцијата „Заштита од насилството и дискриминација во образованието“.
Ива Михајловска, од канцеларијата на Народниот правобранител, рече дека од претставките кои стигнале до нив за насилство врз дете во образовниот процес, може да се каже дека клоца, шамар и други форми на насилство, наставниците сè уште ги практикуваат. Последниот пример за насилство врз дете во образовниот процес се случи минатата недела во основно училиште во Велес, кога на седумгодишно дете му беше расечено челото откако наставникот го турнал во ѕидот.
„До канцеларијата на Народниот правобранител пристигнаа значителен број претставки за насилство врз дете во образовниот процес. Има случаи кога насилството го вршат вработените во училиштата, но и за насилство меѓу врсници. Најчесто насилтвото до Народниот правобранител го пријавува родителот или член на семејството на детето, а многу ретко децата сами го пријавуваат насилството“, рече Михајловска.
Таа објасни дека од истражувањето направено со 1.300 ученици заклучиле дека децата во основните училишта сè уште не можат да го препознаат поимот насилство.
„Не можат да го разберат поимот насилство. Најчесто за насилството извршено врз нив го информираат наставникот и на тоа се завршува, односно случајот не го пријавуваат и прифаќаат дека тоа е нормално и дека така треба. Според законските одредби забрането е секакво психичко и физичко насилство врз децата, но имплементацијата на овие прописи во праксата оди многу тешко“, вели Михајловска.
Таа објасни дека канцеларијата на Народниот правобранител констатирала повреда на правата на децата наставник и дека можат да дадат препораки и да укажат што треба да презема училиштето и останатите надлежни институции за да не се повтори делото. Дел од установите реагирале позитивно на препораките и укажувањата, но дел не.
„Лани констатиравме и насилство од полициски службеник врз ученик, од кого со примена на физичка сила барал податоци за децата што избегале од училиште. Дојдовме и до видео материјал од училиштето каде се гледа дека полицискиот службеник врши насилство врз детето. Реагиравме до надлежните институции и побаравме полицаецот кривично и да одговара. Во тек се постапки и за последните актуелни случувања, кога правата на децата беа прекршени, бидејќи беа терани да учествуваат во протести“, рече Михајловска.
Посебниот оддел за заштита на правата на децата и децата со попереченост при Канцеларијата на народниот правобранител финкционира од 2009 година.