САД, ИРАН И КУБА ПРАЌААТ ПОМОШ ПО ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ВО ВЕНЕЦУЕЛА, ЦЕЛИ СЕМЕЈСТВА СЕ ВОДАТ КАКО ИСЧЕЗНАТИ

    САД, ИРАН И КУБА ПРАЌААТ ПОМОШ ПО ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ВО ВЕНЕЦУЕЛА, ЦЕЛИ СЕМЕЈСТВА СЕ ВОДАТ КАКО ИСЧЕЗНАТИДосега е потврдено дека загинале најмалку 188 луѓе (Фото: АП)

    Земјите од целиот свет, вклучувајќи ги САД, Куба и Иран, ветија дека ќе помогнат во спасувачките напори во Венецуела, откако земјата беше погодена од два моќни земјотреса. Досега е потврдено дека загинале најмалку 188 луѓе, а околу 1.500 се повредени.

    Обемот на штетите и жртвите и натаму е нејасен по земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала, кои се случија вчера околу 18 часот по локално време во рок од една минута. Ова се најсилните земјотреси во земјата од 1900 година, објави Американскиот геолошки институт, кој веднаш процени дека би можело да има илјадници загинати.

    Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека одговорот на САД ќе биде голем, брз и ефикасен, а солидарност и помош понудија и латиноамериканските земји, вклучувајќи ги Мексико, Бразил, Ел Салвадор, Еквадор, Доминиканска Република и Куба. Кубанските здравствени работници веќе се на местото на настанот и се целосно мобилизирани, рече министерот за надворешни работи Бруно Родригес.

    Во земјотресот се урнати цели станбени блокови (Фото: Гети)

    Холандија соопшти дека ќе издвои околу два милиона евра за испраќање спасувачка екипа со работници, кучиња и опрема. Помош најавија и Шпанија, Франција, Германија и Швајцарија.

    Есмаил Багеи, портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, кажа дека Иран е подготвен да обезбеди каква било потребна помош во операциите за спасување.

    Во најтешко погодената област Ла Гваира се урнале над 100 згради, вклучувајќи цели станбени блокови и крајбрежен хотел. Таму се наоѓа и главниот аеродром во земјата „Симон Боливар“, кој исто така е тешко оштетен. Сериозни штети има и во главниот град Каракас, каде што има урнати згради.

    Според еден сајт за регистрирање исчезнати луѓе, со над 36.000 луѓе не можело да се стапи во контакт. Меѓу исчезнатите се и цели семејства.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира