Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, со 58 гласа „за“ и шест „против“. Со усвојувањето на овој закон, донесен по скратена постапка, се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација, вели Министерството за здравство.
Министерот за здравство Азир Алиу, образложувајќи го законот рече дека има големо значење, нагласувајќи дека трансплантацијата не е само медицинска постапка, туку е живот, надеж и можност еден човек и по неговата смрт да продолжи да живее преку животот на некој друг.
„Измените кои ги предлагаме не се само правни и административни, туку се една порака дека нашиот здравствен систем се гради врз достоинството на човекот, солидарноста и почитувањето на личната волја. Со овој закон првично се проширува кругот на можни живи дарители на органи и се вклучуваат сродниците до четврто колено, но истовремено ги зајакнува и заштитните механизми и секој случај ќе биде предмет на проценка од Етичката комисија, која ќе ја утврди доброволната одлука и ќе гарантира дека нема притисок, злоупотреба или трговија со органи“, изјави Алиу.
Втора најзначајна промена, нагласи Алиу, е воведување јасна и лична изјава на секој граѓанин за дарување на органи по својата смрт.
Со законските измени, секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар јасно да се произнесе дали сака да биде органодарител, со што ќе се овозможи создавање појасна слика за ставовите на граѓаните и дополнително ќе се зајакнат довербата и информираноста за органодарителството. Измените предвидуваат и зголемување на можностите за лекување преку проширување на кругот на живи дарители до четвртиот степен на сродство, при целосно почитување на сите етички, медицински и законски стандарди.
„Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во ‘Мој термин‘, безбедно и со двојна верификација. Секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука. Ова е важно од два аспекта. Прво, ќе ги почитуваме личната слобода и волјата на секој човек. Второ, конечно како држава ќе знаеме колку граѓани сакаат да бидат органодарители. Ќе знаеме каде има поголема информираност, а каде постојат страв, недоверба или недоволно знаење за органодарителството. Кога системот ќе започне со примена, јас ќе бидам првиот кој ќе се регистрира како органодарител“, кажа министерот Алиу.
Министерството за здравство спроведува континуирана национална кампања за подигање на свесноста за органодарителството како траен процес на едукација. Паралелно, се работи на вклучување на матичните лекари, училиштата, универзитетите, пациентските здруженија и верските заедници, со цел ова прашање да стане дел од зрел и информиран јавен дијалог. Се обезбедува и континуирана поддршка за трансплантациските тимови и се подготвува дигитална и правна рамка, во која волјата на граѓаните ќе биде јасно изразена, безбедно евидентирана и доследно почитувана.
- СО ИЗЈАВА НА МАТИЧЕН ЛЕКАР СЕКОЈ ЌЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ДАРИТЕЛ НА ОРГАН, ВЕЛИ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВО
- РАБОТИМЕ НА ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ДАРИТЕЛ НА ОРГАН ДА БИДЕ ПОДАЛЕЧЕН РОДНИНА И ДА ВОВЕДЕМЕ ДОНОРСКА КАРТИЧКА, РЕЧЕ АЛИУ
Националната координаторка за трансплантација д-р Билјана Кузмановска на 11 март, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот кажа дека во последните месеци имаат серија одбивања од семејствата за давање согласност на донори кои биле комплетно обработени и погодни за трансплантација.
„Жално е кога се подготвувате неколку дена да трансплантирате, сите тимови се подготвени, а на крај семејството нема да даде согласност. Апелираме секој да си размисли за себе, да разговара со своето семејство, да го искаже својот став во однос на органодарителство после смртта. Нема ништо поблагодарно и поблагородно од тоа да се спаси човечки живот во момент кога еден човечки живот згаснува. Размислуваме да се впуштиме во поголеми активности и кампањи како директно со граѓаните, така и преку медиумите за зголемување на свеста за органодарителство. Во подготовка се и измени на Законот за трансплантација, каде што, покрај тоа што стои дека сите сме потенцијални донори, би дозволиле и донорска картичка, односно регистар на донори, па кога ќе дојдеме во ситуација да разговараме со семејството, сепак волјата на починатиот да биде таа која ќе доминира, а не волјата на други луѓе. Еден донор може да спаси осум животи“, кажа д-р Кузмановска.
Во склоп на националната кампања, еден од говорниците е и д-р Сашо Дохчев, хирург од Клиниката за урологија, кој вели дека органодарителството претставува највисок чин на човекољубие, нема поголема вредност за човештвото воопшто.
„На Клиниката за урологија ние имаме историски успешна приказна во процесот на трансплантација на бубрези. Приказната датира уште од 1977 година, кога е направена првата трансплантација. Досега имаме направено 530 трансплантации, од кои 99 се од кадавер, односно починат пациент. Иако ова се импозантни бројки за Македонија, сепак се недоволни да ги задоволиме потребите на нашите пациенти за органи. Кај линвиг-донор трансплантацијата мотивацијата кај донорите е многу поголема затоа што донираат орган за својот најблизок член на фамилијата. Меѓутоа кога се работи за кадаверична трансплантација, тука имаме недоволен број на регрутирани донори, што зависи од нас самите граѓани. Ние сме потенцијални дарители на органи после нашата смрт. Затоа апелирам до сите граѓани на нашата држава да се подигне свеста за органодарителството, затоа што голем број на пациенти чекаат за добивање на орган за трансплантација. Од еден починат донор може да се спасат четири нови животи, ако се направи успешна трансплантација. Тоа се два пациенти што ќе добијат бубрези, да се спасат и да живеат нормален и убав живот. Еден пациент со црн дроб и еден пациент со трансплантирано срце. Затоа е многу важно да ја подигнеме свеста, да знаеме дека од секој починат човек, нормално, според утврдени критериуми, од националиот координатор биде потенцијален донор и да сите ние ги даруваме нашите органи после нашата смрт. Со тоа ќе спасиме многу животи за да може да профункционираат во иднина“, вели д-р Дохчев.
Б. НЕСТОРОСКА



