ПРВ ЌЕ СЕ РЕГИСТРИРАМ КАКО ОРГАНОДАРИТЕЛ, КАЖА МИНИСТЕРОТ АЛИУ

    ПРВ ЌЕ СЕ РЕГИСТРИРАМ КАКО ОРГАНОДАРИТЕЛ, КАЖА МИНИСТЕРОТ АЛИУСо законските измени, секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар јасно да се произнесе дали сака да биде органодарител. (Фото: МЗ)

    Ќе бидам првиот кој ќе се регистрира како органодарител, кажа министерот за здравство Азир Алиу на јавната панел-дискусија посветена на органодарителството, која се одржа во Гостивар. Дискусијата беше организирана со цел подигнување на свеста за органодарителството и презентирање на измените и дополнувањата на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, кој веќе е доставен во Собранието по скратена постапка.

    Со законските измени, секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар јасно да се произнесе дали сака да биде органодарител, со што ќе се овозможи создавање појасна слика за ставовите на граѓаните и дополнително ќе се зајакнат довербата и информираноста за органодарителството. Измените предвидуваат и зголемување на можностите за лекување преку проширување на кругот на живи дарители до четвртиот степен на сродство, при целосно почитување на сите етички, медицински и законски стандарди.

    „Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во ‘Мој термин‘, безбедно и со двојна верификација. Секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука. Ова е важно од два аспекта. Прво, ќе ги почитуваме личната слобода и волјата на секој човек. Второ, конечно како држава ќе знаеме колку граѓани сакаат да бидат органодарители. Ќе знаеме каде има поголема информираност, а каде постојат страв, недоверба или недоволно знаење за органодарителството. Кога системот ќе започне со примена, јас ќе бидам првиот кој ќе се регистрира како органодарител“, кажа министерот Алиу.

    Министерството за здравство спроведува континуирана национална кампања за подигање на свесноста за органодарителството како траен процес на едукација. Паралелно, се работи на вклучување на матичните лекари, училиштата, универзитетите, пациентските здруженија и верските заедници, со цел ова прашање да стане дел од зрел и информиран јавен дијалог. Се обезбедува и континуирана поддршка за трансплантациските тимови и се подготвува дигитална и правна рамка, во која волјата на граѓаните ќе биде јасно изразена, безбедно евидентирана и доследно почитувана.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира