ИСЕЛУВАЊЕТО Е НАЈСИГУРЕН ИЗЛЕЗ ОД ВИТЕЛОТ НА СИРОМАШТИЈАТА

    ИСЕЛУВАЊЕТО Е НАЈСИГУРЕН ИЗЛЕЗ ОД ВИТЕЛОТ НА СИРОМАШТИЈАТА„Сфатив дека без пари не може да се живее, сфатив дека колку помалку имаш, толку повеќе немаш. Заклучив дека животот е еден, но во Македонија е многу беден“, вели Олга Цветковска, чие семејство за само 5 години од ситуирано стана социјален случај (Фото: СДК.МК)

    Шестчленото семејство Цветковски од Волковија, тетовско, за само 5 години падна во вителот на сиромаштијата и од релативно солидно ситуирано стана социјален случај.

    „Гледам дека почнуваме да штедиме на храна, а јас размислувам за факултет, размислувам за диплома и за мојата иднина. Се спремам, учам, полагам матура, разгледувам факултети, а во исто време се плашам, чувствувам дека тоа нема да биде“, се сеќава 23-годишната Олга Цветковска за почетокот на семејната голгота.

    Семејството на Олга до пред 7 години имало убав живот, таа живеела со дедо пензионер и баба, вработени родители и со двајца помали браќа, со вкупни приходи од околу 40.000 денари.

    „Како што мојата висина одеше нагоре така нашиот стандард на живот сѐ повеќе одеше во надолна линија, континуирано. Не бев доволно возрасна но не се плашев, знаев дека така може да оди до дното, потоа или лежиш таму или се бориш да излезеш на површина“, вели Олга.

    Прво починал дедо ѝ, но неговата пензија ја наследила баба ѝ па немало голема промена од финансиски аспект. Но потоа се затвори тетовскиот Монопол во кој татко ѝ работеше како обезбедување и тој останал без работа, па приходите се преполовиле.

    „Се чувствуваше немање, стискање, нестабилност. Две деца во средно школо, третото уште е основно“, вели Олга.

    Потоа без работа останува и мајка ѝ, работничка во „Тетекс“, која е отпуштена како технолошки вишок, и следните 11 месеци ќе добива паричен надоместок од по 3.829 денари, а 12-тиот околу 1.200 денари. Шестчленото семејство, во кое тројца сѐ уште се школуваат, живее со тие пари и 10.000 денари од пензијата.

    „Не губам надеж, си велам да се стиснеме наредните неколку години да завршам факултет, да стекнам диплома и ќе имам пристојна и солидна работа и плата, па потоа моите браќа ќе завршат и ќе се издигнеме на нозе. Се одлучувам за Градежниот факултет во Скопје, го избирам како просперитетен за да си обезбедам стабилна иднина“, вели Олга.

    Дали овој лавиринт има крај? Не сум социјален случај и не можам да студирам бесплатно, а не можам да станам социјален случај бидејќи не можам да земам потврда од факултет зашто немам платено семестар, а немам можност за тоа. Исто е како да бараш работа но немаш искуство, а немаш искуство бидејќи не можеш да најдеш работа“, вели Олга за тонењето во вителот на бирократијата (Фото: СДК.МК)

    Според Државниот завод за статистика, стапката на сиромашни лица во Македонија во 2015 изнесувала 21,5 проценти. Дури 445.000 граѓани живееле под прагот на сиромаштија, кој за едночлено домаќинство изнесува 78.000, а за четиричлено домаќинство 164.000 денари годишен приход. 39,7 проценти од невработените, 8,9 проценти од вработените и 7,3 проценти од пензионерите живеат во сиромаштија.

    Во моментот кога решила да се запише на факлтет, на Олга ѝ се случува и првиот судир со бирократските процедури чија нелогичност почнува да го забрзува пропаѓањето во вителот на сиромаштијата.

    „Се запишав на студии во државна квота иако и таа партиципација од 500 евра беше преголем трошок за моето семејство. Се обратив во студентски прашања за можност да студирам бесплатно поради невработени родители, но рекоа дека во законот стоело оти тоа е можно само ако сме социјален случај, а социјален случај не можеме да бидеме поради тие 3.829 денари кои ги зема мајка ми. Семестарот помина одлично, пет од пет положени предмети, со желба за живот, желба за уште, желба за успех и напредок“, вели Олга.

    Во меѓувреме починала и баба ѝ, и семејните приходи се сведуваат на 3.829 денари, а трошоците се многу повисоки и покрај штедењето и на струја, храна, а Олга вели „облека и други луксузи целосно испаѓаат од планираниот трошок, се крати буквално од сѐ“.

    „Со позајмици на сите страни успеваме да се прехраниме, јас да платам кирија, а семестарот успеав да го запишам на рати за кои немам пари да ја платам ни првата рата, но добро е што барем не беше проблем. Помина и овој семестар, со гладување, без најмали задоволства, со финансиска ситуација одбележана со огромен минус. Доаѓа време да се оди на испити, а јас немам пари за пријави и превоз. Пропаднат семестар. Единствен спас ми е летото, да најдам некоја работа да заработам некоја пара, моите се трудат да најдат работа, но тешко оди. Јас најдов сезонска работа со која не може да се покрие ни храната во семејството, а да не ги споменувам сметките кои се неплатени веќе со месеци“, вели Олга.

    Почетокот на новиот семестар значел и пропаѓање во нов вител – оној на бирократијата – кој уште повеќе влече надолу.

    „Барав спас во социјалното, ми велат дека мајка ми тој месец зела паричен надоместок од 1.200 денари и од тој датум треба да се чека да поминат три месеци па да се започне процедурата за социјален случај. Каква е оваа држава? Тој преминимален паричен надоместок е доволен за да се купува леб секој ден, а што е со останатите трошоци? За тие три месеци чекање ние влегуваме во енормен минус, јас не можам да се запишам на факултет, паузирам, брат ми кој треба да запише прва година на факултет исто така не може. Како да продолжам со факултетот и да стекнам диплома која ми ветува добра иднина? Се прашувам, како да напредуваме кога секој ден тонеме сѐ повеќе“, вели Олга и додава: „Цел живот мислев дека не е сѐ до парите, но секој ден сѐ повеќе се уверувам дека тоа е така“.

    Олга и сопругот планираат да се иселат во странство, Швајцарија или Австралија, велат што побргу тоа подобро. „Се борам храбро и упорно и не се откажувам додека не ја постигнам мојата цел со моите две раце, со мој труд. Безброј препреки поминав до сега, ќе поминувам и од сега“. (Фото: СДК.МК)

    Размислувајќи за најпрактичното решение, дали е подобро да станат социјален случај или да работат, пресметале дека првата опција е подобра да можат таа и брат ѝ полесно да завршат факултет, зашто за оваа категорија студенти не се плаќа партиципација. По три месеци, во социјалното повторно пречка.

    „Потребна е потврда за редовен студент, а јас ем немам 300 денари да ја извадам ем не смеам, бидејќи ги немам платено ратите од семестарот. Дали овој лавиринт има крај? Не сум социјален случај и не можам да студирам бесплатно, а не можам да станам социјален случај бидејќи не можам да земам потврда од факултет зашто немам платено семестар, а немам можност за тоа. Исто е како да бараш работа но немаш искуство, а немаш искуство бидејќи не можеш да најдеш работа“, вели Олга.

    Во тоа време на најстрашна семејна криза, нејзини блиски роднини кои живеат во странство биле дојдени во Македонија, и кога разбрале дека не може да си го плати факултетот, тие ја подмириле сметката, по што Олга добила потврда за редовен студент и станале социјален случај.

    Според Државниот завод за статистика, 28.018 домаќинства се корисници на социјална парична помош само во 2015.

    „Не дека е нешто идеално, но солидно е бидејќи добивме можност јас и брат ми да студираме бесплатно и бесплатно да живееме во студентски дом. А социјалната помош од околу 6.000 денари вкупно за петчлено семејство повторно не е доволна за да покријат ни трошоците за храна, а не пак сметките кои се натрупани и сѐ повеќе нѐ влечат надоле. Еве веќе петта година се влечам на Градежниот факултет, паузирам неколку месеци, паузирам година, не носам пријави, не одам на испити, не можам на време да земам потпис и оценка, од учебници ги имам само оние кои ги има бесплатно во библиотеката, немам доволно материјали“, вели Олга.

    Пред два месеци Олга се омажи и со тоа, бидејќи веќе не е член на нејзиното семејство, социјалната парична помош им се намали на околу 5.000 денари. Во Скопје живее со сопругот, млад пица-мајстор родум од Крива Паланка вработен во позната скопска пицерија, и следниот месец ќе им се роди првото дете, девојче. Нејзиниот 22-годишен брат студира на ФИНКИ, а од следната учебна година таму планира да се запише и најмалиот, 18-годишен брат.

    „Се борам храбро и упорно и не се откажувам додека не ја постигнам мојата цел со моите две раце, со мој труд. Безброј препреки поминав до сега, ќе поминувам и од сега“, вели Олга.

    Со сопругот планираат да се иселат во странство, Швајцарија или Австралија, велат што побргу тоа подобро. Можност им е бугарскиот пасош на сопругот, кој го доби минатиот месец по две години од аплицирањето и тоа врз основа на сродство – братучеди кои пред неколку години исто така добиле бугарски пасоши.

    „Сфатив дека без пари не може да се живее, сфатив дека колку помалку имаш, толку повеќе немаш. Заклучив дека животот е еден, но во Македонија е многу беден“, вели Олга.

    М. КОСТОВА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира