ЖЕНА МАСКИРАНА КАКО МАЖ ГО ИЗВЕЛА БОМБАШКИОТ НАПАД ВО МОНАКО, ЧИЈА МЕТА БЕШЕ УКРАИНСКИ ОЛИГАРХ ПОД САНКЦИИ

    ЖЕНА МАСКИРАНА КАКО МАЖ ГО ИЗВЕЛА БОМБАШКИОТ НАПАД ВО МОНАКО, ЧИЈА МЕТА БЕШЕ УКРАИНСКИ ОЛИГАРХ ПОД САНКЦИИВластите соопштија дека инцидентот се третира како обид за убиство, а не како терористички напад (Фото: АП)

    Жена маскирана во маж го извела бомбашкиот напад во Монако, во кој беа повредени контроверзниот украински бизнисмен Вадим Јермолаев, неговата сопруга и нивниот син. Јавното обвинителство на Монако кажа дека напаѓачот е идентификуван и денеска е активиран меѓународен налог за апсење.

    Властите соопштија дека инцидентот без преседан во кнежевството се третира како обид за убиство, а не како терористички напад. По експлозијата, осомничениот бил виден како заминува пешки кон соседната француска заедница Босолеј. Иако првично се сметало дека напаѓачот е маж, локалните медиуми соопштија дека станува збор за жена која се обидела да го скрие својот идентитет.

    Јавниот обвинител на Монако, Стефан Тибо, не го коментираше ова, туку им се заблагодари на полициите од Монако и Франција за нивната соработка што овозможи „за кратко време да се идентификува лицето осомничено за извршување на нападот“.

    Властите на Монако официјално не го потврдија идентитетот на жртвите, но медиумите објавија дека главната мета бил Јермолаев (58), кипарски граѓанин, кој во 2019 се откажал од украинското државјанство. Украина воведе санкции против него во 2023, обвинувајќи го за водење бизнис со алкохол на окупираниот полуостров Крим. Неговото богатство во 2020 беше проценето на 320 милиони долари.

    Француските медиуми објавија дека од трите жртви, само состојбата на жената сѐ уште не е стабилизирана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира