МОЖЕ ДА БИДЕТЕ КОМУНИСТ ИЛИ МОЖЕ ДА БИДЕТЕ ПАТРИОТ, БОГ НÈ СОЗДАДЕ ОВДЕ, РЕЧЕ ТРАМП ВО ГОВОР ЗА 250-ГОДИШНИНАТА НА САД

    МОЖЕ ДА БИДЕТЕ КОМУНИСТ ИЛИ МОЖЕ ДА БИДЕТЕ ПАТРИОТ, БОГ НÈ СОЗДАДЕ ОВДЕ, РЕЧЕ ТРАМП ВО ГОВОР ЗА 250-ГОДИШНИНАТА НА САДНашите права овде ни се дадени од Бога кој нè создаде, и тие права нема да бидат прекршени. Ниту една друга земја не направила повеќе добро за овој свет од САД, рече Трамп во говорот пред споменикот „Планина Рашмор“. (Фото: АП)

    Американскиот претседател Доналд Трамп во говорот синоќа, по повод 250-годишнината од Соединетите Американски Држави (САД), ги предупреди своите сонародници против комунистичката идеологија, прикажувајќи слика за САД како нација вкоренета во верата.

    Зборувајќи пред поддржувачите во американската држава Јужна Дакота, со познатиот споменик „Планина Рашмор“ како позадина во пресрет на Денот на независноста, 4 Јули, Трамп рече: „Можете да бидете комунист или можете да бидете патриот“. Трамп во последно време сè повеќе го користи терминот „комунизам“ за да ги нападне левичарските домашни противници и нивните позиции.

    Трамп, исто така, ги претстави САД како нација која се потпира на Бога: „Нашите права овде ни се дадени од Бога кој нè создаде, и тие права нема да бидат прекршени“. 80-годишниот претседател додаде: „Ниту една друга земја не направила повеќе добро за овој свет од Соединетите Американски Држави“.

    Тој нагласи дека англискиот јазик се зборува во САД затоа што тоа бил јазикот на основачите, без да спомене дека многу голем број луѓе во САД зборуваат и шпански.

    „Планината Рашмор“ е светски познат претседателски споменик, на кој се изрезбани главите на Џорџ Вашингтон, првиот претседател, Томас Џеферсон, третиот претседател, Теодор Рузвелт, 26-тиот претседател и Абрахам Линколн, 16-тиот претседател.

    Ова не беше првпат Трамп да го користи националниот споменик „Планина Рашмор“ како позадина. Пред шест години, токму на Денот на независноста, тој таму одржа говор со кој поттикна расположение против учесниците во националното протестно движење против расизмот.

    Денеска ќе биде централниот ден од прославата на 250-годишнината од независноста од Британија. За доцна вечерва во Вашингтон е планиран голем огномет, кој ќе се лансира од повеќе локации. Планирани се настани низ целата земја, а големи прослави ќе се одржат во градови како Њујорк, Бостон и Лос Анџелес. Во главниот град Вашингтон, свеченостите започнуваат наутро со парада по повод Денот на независноста долж Националнuиот парк, по што следуваат низа комеморативни настани во текот на денот.

    Еден фактор што го расипува расположението на многумина е тоа што главниот град на САД со денови е зафатен од екстремни горештини со температури од околу 40 Целзиусови степени. Трамп не се откажува: „Ќе одржам навистина долг говор, само за да покажам дека можам да направам сè“.

    Покрај говорот на претседателот, вечерната програма вклучува и огномет што треба да постави светски рекорд, со 850.000 пиротехнички средства што ќе бидат лансирани од 10 локации во текот на околу 40 минути. Големата парада во градот, предвидена за претпладнето, веќе беше откажана поради екстремните горештини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира