Контактот со гасеницата боров четник (Thaumetopoea pityocampa) може да предизвика сериозни здравствени проблеми кај луѓето, а опасноста не доаѓа само од директен допир со инсектот, туку и од неговите микроскопски влакненца кои лесно се шират преку воздухот, вели д-р Томица Сотировски, специјалист-дерматовенеролог од Клинката за дерматовенерологија во Скопје.
Боровиот четник е инсект чиј фасцинантен животен циклус предизвикува значајни уништувања на шуми во Македонија.Во едно гнездо може да има и над 500 гасеници, а се среќаваат на многу места во Македонија каде што има борови насади на пониска надморска височина. Боров четник е пеперутка со краток животен век, околу десет дена, но голем дел од нејзиниот развиток е штетен за околината. Гасениците остануваат во гнездата шест до седум месеци, почнувајќи од крајот на септември или од октомври.
Според д-р Сотировски, најризичен период е пролетта, кога луѓето почесто престојуваат во борови шуми и паркови. Главниот причинител на реакциите е токсичниот протеин тауметопоин, кој се наоѓа во влакненцата на гасеницата. Тие лесно се пренесуваат со ветерот, па симптоми можат да се појават и без директен контакт со боровиот четник.
Најчесто се јавуваат кожни реакции, кои сочинуваат повеќе од 90 проценти од случаите. Симптомите вклучуваат силно црвенило, чешање, уртикарија, појава на ситни мозолчиња или плускавци исполнети со течност. Кај дел од лицата можат да се развијат и системски реакции како покачена телесна температура, малаксаност и отоци на лицето и усните, а кај лица со изразена алергиска предиспозиција е можен и анафилактичен шок, состојба која бара итна медицинска помош.

Главниот причинител на реакциите е токсичниот протеин тауметопоин, кој се наоѓа во влакненцата на гасеницата. (Фото: Н. Батев)
Особено опасен е контактот на влакненцата со очите. Д-р Сотировски вели дека тие можат да предизвикаат акутен конјунктивитис, проследен со црвенило, болка, печење, засилено солзење и оток на очните капаци. Доколку дојде до воспаление на рожницата – кератитис, постои ризик од трајни оштетувања на видот ако не се побара навремена офталмолошка помош.
Можно е да се појават и респираторни проблеми, бидејќи влакненцата можат да навлезат и во дишните патишта, предизвикувајќи иритација и алергиски реакции.
„Влакненцата на боровиот четник се исклучително опасни и функционираат како минијатурни, отровни стрели. Начинот како овие влакненца предизвикуваат толку силни алергиски и воспалителни реакции се должи на механички напад (микро-стрели со куки) преку кои влакненцата навлегуваат длабоко во кожата или мукозата и хемиски механизам (ослободување на токсинот тауметопоин) кој предизвикува иритација, дегранулација на мастоцитите и ослобување на хистамин. Настанува директна токсична реакција (црвенило, оток и чешање) и имунилошка хиперсензитивност. Првиот контакт со влакненцата прави сензибилизација, за потоа секој нареден контакт да се изразува со се побурна реакција“, ни рече д-р Сотировски.

Д-р Сотировски вели дека доколку дојде до воспаление на рожницата – кератитис, постои ризик од трајни оштетувања на видот ако не се побара навремена офталмолошка помош. (Фото: Приватна архива)
При контакт со боров четник, д-р Сотриовски советува веднаш да се напушти местото каде што има борови дрвја и гнезда од гасениците. Влакненцата не треба да се тријат или чешаат, туку внимателно да се отстранат со самолеплива лента. Потоа кожата треба темелно да се измие со топла вода и сапун, а облеката да се испере на температура повисока од 60 Целзиусови степени. За ублажување на симптомите може да се применат антихистамински или благи кортикостероидни креми, а по потреба и орални антихистаминици, по препорака на лекар.
Според д-р Сотировски, боровиот четник е природно присутен на Балканот, вклучително и во Македонија. Најчесто медицинска помош бараат планинари, рекреативци и шумски работници кои по престој во борови шуми развиваат интензивни воспаленија на кожата. Најголем број случаи се регистрираат во Велес, Прилеп, Кочани, како и во Скопје, каде граѓаните пријавуваат симптоми по прошетки во природа.
Лекарот предупредува дека особено изложени на ризик се домашните миленици, пред сè кучињата, кои често ја душкаат или лижат гасеницата. Во таков случај јазикот треба веднаш да се плакне со чиста вода неколку минути, при што водата треба да истекува нанадвор за животното да не ја голта. Поради опасност од брз оток на јазикот и грлото, неопходно е миленичето без одлагање да се однесе кај ветеринар.
Д-р Сотировски апелира граѓаните да бидат особено внимателни при движење во борови шуми, да избегнуваат допирање на гасениците и нивните гнезда и при појава на посилни симптоми веднаш да побараат медицинска помош.
Б. НЕСТОРОСКА
*Оваа содржина е поддржана со грант од Алијансата за новинарство и наука (Journalism Science Alliance)



