Пензиите од септември ќе се зголемуваат согласно законското усогласување, изјави премиерот Владата Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање околу растот на примањата на пензионерите.
Како што кажа премиерот, таквата одлука се носи со цел заштита на пензионерите и нивните пензии. Тој рече дека при претходните линеарни покачувања беа поднесени иницијативи до Уставниот суд за нивно укинување од страна на поединци поттикнати од опозициските партии. Затоа, според него, натамошниот раст ќе се одвива исклучиво преку редовно нивелирање утврдено во законот.
„Да, тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци во позадина охрабрени од политички партии да пред Уставниот суд покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, кажа Мицкоски за време на посетата на Управата за хидрометеоролошки работи.
Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, пензиите беа зголемени двапати линеарно по 2.500 денари и двапати по 1.000 денари.



