После многу години запустеност, Општина Тетово реши да го уреди паркчето веднаш до Музичкото училиште во Тетово, во кое се наоѓа споменикот на еден од првите македонски преродбеници Кирил Пејчиновиќ.
Паркот досега никој не го одржуваше, секогаш беше преполно со ѓубре кое се претураше од неколкуте контејнери поставени веднаш до него и со тоа беше главно собиралиште на кучињата скитници. На овој простор од градот секогаш има голема фреквенција на минувачи, а најбројни се учениците бидејќи освен Музичкото училиште, во непосредна близина е и Основното училиште „Гоце Делчев“.
„Во рамките на донација од компанијата ‘CEA CON’, беа засадени 25 садници од видот платан. Од нив, 21 се засадени во паркот на Музичкото училиште, а 4 во паркот во близина на градскиот плоштад. Ова е значаен чекор кон позелена животна средина и почист воздух“, соопшти Општина Тетово
Од Општината најавуваат дека во наредниот период ќе се уредува и просторот околу контејнерите, со нивно оградување, како и поставување урбана опрема.
З. АНДОНОВ



