Селекторот Столе Солбакен кажа дека победата над Бразил е „најголемиот ден во историјата на норвешкиот фудбал“, додека голгетерот Ерлинг Халанд го нарече „еден од најлудите“. Норвешка се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство за првпат откако заслужено го победи Бразил со 2:1.
Двата гола на Халанд во второто полувреме го решија натпреварот, што предизвика хаос во Норвешка. Десетици илјади луѓе славеа на улиците на Осло до раните утрински часови, вклучувајќи и импровизиран собир во кралската палата, каде што навивачите беа пречекани од принцот Хакон.
„Мислам дека сите норвешки граѓани уживаат во ноќта на својот живот. Веројатно ќе се забавуваат една недела. Ерлинг ги даде головите, но среќен сум што сите ја одиграа својата улога во најголемата ноќ во историјата на норвешкиот фудбал“, кажа Солбакен.
Халанд изрази жалење што не може да слави со Норвежаните на улиците.
„Жалам што не бев на тие улици, би сакал да учествувам во тоа. Цела Норвешка мора да ужива. Ова е еден од најлудите денови во норвешката историја. Само треба да уживате, бидејќи ова е лудо“, рече Халанд.
Откако пред четири години изгуби од Хрватска во четвртфиналето, Бразил сега доживеа уште порана елиминација, иако за селектор го доведе славниот Италијанец Карло Анчелоти.
„Сите се длабоко разочарани. Мислам дека немавме спектакуларно светско првенство. Ова не е крај, туку почеток на нов циклус“, кажа Анчелоти.




