Телото на жената осомничена дека го извела бомбашкиот напад во Монако е пронајдено синоќа близу Киев, објави „Украинска правда“. Според изворите, таа била застрелана.
Јавното обвинителство на Монако пред неколку дена ја идентификуваше осомничената како 38-годишната украинска државјанка Анастасија Березовска, за која беше активиран меѓународен налог за апсење. „Украинска правда“ објави дека таа престојувала надвор од Украина од 22 март 2025 до 1 јули годинава.
Во бомбашкиот напад во Монако на 29 јуни беа повредени контроверзниот украински бизнисмен Вадим Јермолаев, неговата сопруга и нивниот син. Јермолаев (58) е кипарски граѓанин, кој во 2019 се откажал од украинското државјанство. Украина воведе санкции против него во 2023, обвинувајќи го за водење бизнис со алкохол на окупираниот полуостров Крим. Неговото богатство во 2020 беше проценето на 320 милиони долари.
Неколку дена по нападот, локалните власти објавија дека тој бил изведен од жена маскирана како маж, која потоа пешки заминала во Франција, а оттаму во Германија.



